• петок, 22 ноември 2024

Новиот градски пазар во Делчево предаден во владение на ЈКП ,,Брегалница"

Новиот градски пазар во Делчево предаден во владение на ЈКП ,,Брегалница

Делчево, 14 април 2023 (МИА) - Новоизградениот градски пазар во Делчево е предаден во владение на Јавното комунално претпријатие „Брегалница". Одлуката ја донесе Советот на Општина Делчево на синоќешната 22-ра седница. 

- Советот имаше на разгледување една точка на дневен ред, а тоа беше Предлог-Одлука за давање на трајно користење на недвижна ствар и движни ствари-опрема „Градски пазар во Општина Делчево-отворен и затворен дел“ на ЈКП „Брегалница“-Делчево. Одлуката беше донесена едногласно, со што и официјално  објектот на новиот Градски пазар во Делчево, му го предаде на користење на Јавното комунално претпријатие „Брегалница, истакна Ивана Ивановска, советник за правни работи и застапување при Општина Делчево.
 
Претседателот на делчевскиот Совет, Гоце  Попов изрази надеж дека овој објект ќе го подобри квалитетот на услугите во однос на пазарењето во Делчево.
 
- Ова го велам со оглед на фактот дека добиваме современ објект кој е покриен, рамномерно осветлен, вентилиран, енергетски ефикасен и заштитен од атмосферски влијанија, истакна Попов.

Проектот беше изработен во 2019 година од проектантското биро ГП-Архитекти, а неговата изведба траеше до крајот на 2022 година. Потоа беше извршен технички прием на објектот, со што се овозможи негово запишување во имотен лист, како главен предуслов за донесување на денешната одлука.

Изведбата ја изврши градежната фирма ПАНЕЛ М од Тетово. вс/цр

Фото: МИА

 

Остани поврзан