• петок, 20 септември 2024

Николоски во Будимпешта на состанокот на министри за транспорт на земјите членки на Европската Унија

Николоски во Будимпешта на состанокот на министри за транспорт на земјите членки на Европската Унија

Скопје, 19 септември 2024 (МИА) - Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, денеска и утре е во работна посета на Унгарија, каде што ќе присуствува на состанокот на министри за транспорт на земјите членки на Европската Унија. 

На состанокот во Будимпешта ќе се разговара за приоритетите во транспортниот сектор како клучен фактор во економската интеграција на ЕУ и конкурентноста. Покрај министрите за транспорт од Унијата, на неформалниот состанок учествуваат и министрите за транспорт од земјите од Западен Балкан, од земјите од ЕФТА, понатаму Украина, Молдавија и Грузија, како и претставници на институциите на Европската Унија и транспортни организации, соопшти Министерството за транспорт.

Собирот на министри е предвиден да трае во две сесии. На првата сесија ќе се зборува за подобрувањето на конкурентноста на транспортниот сектор на ЕУ, преку дебата за подобрување на поврзаноста меѓу ЕУ и соседните земји, предизвиците и можностите кои произлегуваат од залениот транспорт како и дигитализацијата во транспортот.

Посебен фокус во втората сесија ќе биде железничкиот сектор, мерки и стратегии потребни за воспоставување на брза железничка мрежа, подобрување на врските помеѓу руралните и урбаните места и мобилизирање на ресурсите неопходни за подобрување на конкурентноста на секторот.

Состанокот на министри е организиран од Унгарија во рамки на нејзиното претседателство со Европската Унија, стои во соопштението од Министерството за транспорт.са/дма/

Фото: МИА архива


 



 

Остани поврзан