• понеделник, 23 декември 2024

Николовски: Со законски олеснувања од 71 имаме 255 семејни винарии 

Николовски: Со законски олеснувања од 71 имаме 255 семејни винарии 

Кавадарци, 14 февруари 2024 (МИА) - Оваа година иако беше тешка заеднички направивме се’ што можеме да донесеме што повеќе мерки и поддршка. Ако се вратиме наназад,  имаше 71 винарија што беше регистрирана, пред измените на Законот пред четири години. Денеска од 71 дојдовме до 255 регистрирани винарии. Имаме само во една година регистрирано нови 91 мала семејна винарија во регистарот на Министерството, што е доказ на исправноста и на законот и на заедничките политики што ги носиме.

Ова го истакна денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, кој беше во Тиквешијата во рамките на одбележувањето на Свети Трифун, како заштитник на лозарите и винарите. 

- Но, уште повеќе, во овие две години 144 мали семејни винарии добија грант поддршка од по 10 илјади евра за набавка на опрема, за ангажирање на стручни лица како силен мотив да продолжат да работат, да растат и да се развиваат. Оваа година ги имаме и првите мали семејни винарии кои освен од оваа програма аплицираа за поддршка преку ИПАРД, склучуваат договори и нивните вина се препознаени насекаде низ светот, нагласи министерот. 

Честитајќи го празникот, тој посака родна година. Се осврна на тоа што е направено  заедно со македонските семејни винарии и со останатите  економски социјални партнери во текот на оваа година. Николовски упати честитки на македонските семејни винарии заради тоа што оваа година го исполнија условот и станаа економско-социјален партнер на Министерството.

- На вчерашната седница на Влада беше усвоена програма за грант поддршка на мали семејни винарии и за 2024 година и многу наскоро ќе има повик за грант од по 10 илјади евра и за новорегистрираните мали семејни винарии, што претставува поттик да продолжат да се регистрираат и да произведуваат македонско квалитетно вино, подвлече тој. 

Министерот додаде дека во 2023 година беше донесена за првпат во историјата Националната стратегија. 

- Под раководство на премиерот Ковачевски беше донесена стратегијата. Владата во тој период го усвои и новиот закон за вино што е во собраниска процедура и еден апел до пратениците што поскоро овој закон да биде донесен заради тоа што, пред се’, носи регулиран начин како да се дефинира и гарантира откупната цена на лозарите. И верувам дека оваа реколта и оваа сезона ќе имаме нов закон, ќе имаме избор на научна институција, ќе имаме утврдени производни и минимални цени за двете најзастапени вински сорти за оваа година, истакна министерот. 

Во овие две години, додаде тој,  постигнат беше раст на откупната цена од 39 проценти за само две години. 

- Тоа претходно се немаше случено и верувам дека тој раст и таа поддршка и ценење на трудот кон лозарите ќе продолжи во наредниот период. Токму затоа, денеска на Свети Трифун објавуваме дека веќе денес на сметките на 9.981 лозар се исплатени по 40 илјади денари по хектар. Традиционално за денот на лозарите околу 10 милиони евра веќе денеска се исплатени кон лозарите, нагласи министерот. 

Но, рече, не само тоа, посочувајќи дека минатата година ќе биде запаметена како историска и по авансната исплата заради тоа што воведовме и дополнителна поддршка од 12 илјади денари.

-Заради тешката година што ја имавме го воведовме новиот модел на субвенционирање и на крајот на 2023 година прво беа исплатени 12 илјади денари по хектар, денеска 40 илјади денари по хектар, а имаме донесено и уште една одлука за еден денар од произведено килограм грозје, меѓутоа и многу нови мерки што и на вчерашната седница беа предложени, истакна Николовски. 

Оваа 2024 година, рече,  ќе биде година на рекордна промоција и на 30 милиони денари. 

- Или, рекордни 500 илјади евра за Зелена недела, за сите регионални саеми, за Опен Балкан, за новиот саем Бела вита во Лондон, за саемот во Порто, за саемот во Чикаго, за Бела вита, за Вин Итали, односно ќе имаме рекордна светска промоција на македонското вино што ќе значи пробивање на нови пазари и зголемување на извозот. Не случајно сме прва земја во регионот и не случајно во 2023 година со сите овие политики и со целата оваа поддршка, Северна Македонија и македонското вино се позиционираа на 13. место во светот по вредноста на извозот на македонското квалитетно грозје. Има уште многу бројки, уште многу поддршки, уште многу факти коишто потврдуваат дека заедно сплотени со македонските семејни винарии, со вина од Македонија, со целокупниот сектор, со сите пратеници, со сите поддржувачи ќе продолжиме да го цртаме и да се бориме за промоцијата, за растот, за извозот, за што поголеми откупни цени, за што поголема вредност на квалитетното македонско вино, додаде министерот. 

Во изјава за медиумите, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, кој исто така го честита празникот и посака бериќетна година, рече дека СДСМ обезбеди поголема поддршка за лозарите, поголеми откупни цени и зголемен извоз. Производството на грозје и вино, нагласи,  отсекогаш било и ќе биде една од најзначајните земјоделски гранки во нашата земја, по што и дома и надвор сме надалеку познати.

- Заедно со МЗШВ коешто министерот го предводи и ги предводеше процесите во унапредување на производството и на грозје и на вино, успеавме во мандатот на Владата  што јас ја предводев, да преку ресорното министерство го поставиме производството на вино на највисоко ниво и тоа го говорат резултатите. Македонија стана број еден извозник на вино во регионот и 13 извозник на вино во светот, нагласи Ковачевски, говорејќи исто така за многубројните награди за македонското вино. 

Тој се осврна и на  голем број на мерки и активности за унапредување на производството на вино. свд/аа/


Фото: МИА 

Остани поврзан