Николовски: Мелничарите потврдија дека се шпекулации информациите за поскапувањето на лебот, идната недела седница на Потсекторската група
- Мелничарите потврдија дека се шпекулации информациите во јавноста за наводното поскапување на лебот и дека нема основа за такво нешто кога е драстично намалена цената на суровината и кога се стабилизирани цените на електричната енергија. Излегоа со ист став како Министерството за финансии и Министерството за земјоделство. Ние ќе ја свикаме Потсекторската група уште еднаш следната недела за да знаеме во континуитет што се случува и каде треба да влијаеме како држава со цел граѓаните да не стравуваат дека лебот ќе поскапи.
Скопје, 25 август 2023 (МИА) - Мелничарите потврдија дека се шпекулации информациите во јавноста за наводното поскапување на лебот и дека нема основа за такво нешто кога е драстично намалена цената на суровината и кога се стабилизирани цените на електричната енергија. Излегоа со ист став како Министерството за финансии и Министерството за земјоделство. Ние ќе ја свикаме Потсекторската група уште еднаш следната недела за да знаеме во континуитет што се случува и каде треба да влијаеме како држава со цел граѓаните да не стравуваат дека лебот ќе поскапи.
Ова го истакна денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на винаријата Камник.
-Мелничарите сами потврдија дека нема причини за поскапување на лебот, но ние будно следиме се што се случува и ќе бидеме во постојан контакт со мелничката индустрија преку Потсекторската група каде се и тие членови. Ќе ја свикаме Потсекторската група уште еднаш следната недела за да знаеме во континуитет што се случува и каде треба да влијаеме како држава со цел граѓаните да не стравуваат дека лебот ќе поскапи. Ќе сториме се што е во рамки на нашите можности преку програмите, но тука не станува збор за реална потреба базирана на бројки, зголемени трошоци и оправданост дека треба да се зголеми цената на лебот. Добро е што Комората излезе со ист став како Министерството за финансии и Министерството за земјоделство, потенцира Николовски.
Транспарентно кажавме, дополни министерот, дека оваа година беа преполовени цените на пченицата на светските берзи.
-Затоа беше потребно државата да интервенира во делот на надоместот на производните трошоци што ги имаат земјоделците. Мора да правиме се за да ги задржиме земјоделците и за да не се намалува производството, нешто во што успеваме. Оттука и најголемиот дел од Интервентниот фонд годинава го насочивме кон дополнителната поддршка од три денари за откупен килограм пченица, подвлече Николовски.
По најавите за наводни поскапувања на лебот кои беа пренесени од повеќе медиуми, претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора Горан Малишиќ за МИА рече дека се тоа шпекулации и дека промена на цената на лебот нема да има.
-Моменталната ситуација на цените на светските и регионалните берзи на пченицата, би рекол и покрај сите турбуленции околу војната во Украина, некако се стабилизираа на ниво од 230 до 245 евра тон за меркантилна пченица на најрелевантната Матиф Француска берза и на Чикашката берза од околу 205 до 215 евра по тон. Регионалните цени во моментов се движат во тој опсег помеѓу цените од двете берзи и сите индекси од берзите за цените во Декември 23, Март 24 или Мај 24 па и по жетвата во 2024 се движат во истиот опсег. Сите овие податоци ни даваат за право да веруваме дека по тој основ цената на брашното како и индиректно на лебот, посебно индустрискиот, ќе го задржат истото ниво на цени во идниот би рекол подолг период. Покрај овие берзански индиции, нашата Групација, во консулатции со своите членки, односно во консултации со најголемите индустриски производители на леб, утврди дека темата за зголемување на цената на лебот се само шпекулации во јавноста поттикнати од страна на зголемувањето на цените на другите основни производи, истакна Малишиќ.
Министерот за финансии Фатмир Бесими претходно апелира - во време на криза да не се шпекулира со поскапувања. Тој напомена дека цената на белиот леб е се уште 33 денари и тука, подвлече, нема поместувања. Владата, истакна Бесими, е подготвена да разговара со мелничката индустрија и да реагира соодветно за да ги заштити граѓаните. мч/лв/
фото: МИА