• петок, 27 декември 2024

Николовски: Европските стандарди значат квалитет на живот и перспективи за нашите млади луѓе во сопствената држава

Николовски: Европските стандарди значат квалитет на живот и перспективи за нашите млади луѓе во сопствената држава

Крива Паланка, 18 април 2024 (МИА) - На правиот пат сме. Еве ја Крива Паланка, кој има дилема, добро нека го погледне нашиот град кој успешно го развиваме во европскиот правец. Шансите за европски квалитет на живот се пред нас. Да живееме европски, како во Крива Паланка, така и во целата наша изборна единица број 3. Тоа сме цврсто, силно и непоколебливо одлучни да го спроведеме јас, носителката на листата во нашата изборна единица и нашите другари, кандидати за пратеници, вредни, чесни, способни, домаќини луѓе, кои си ја сакаме земјата и тоа го покажуваме на дело, рече вечерва на граѓанската промоција кандидатот за пратеник и коносител за ИЕ 3 Љупчо Николовски во неговата родна Крива Паланка.

Според него, токму Крива Паланка е пример што значи да се работи за прогресивна европска иднина во родната земја. Европските стандарди, како што рече, нам ни се потребни затоа што значат квалитет на живот.

-Европските стандарди значат перспективи за нашите млади луѓе во сопствената држава, потребни за да учат, растат, работат живеат, напредуваат меѓу своите блиски, семејството, пријателите, другарите, саканите. Но и тие ѝ се потребни на државата, како моторна сила на развојот на Македонија. Затоа, нема откажување од европската иднина. Со Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и со нашиот претседател Стево Пендаровски, пред сите нас е шансата за четири години да ги завршиме преговорите со Европската Унија и до 2030 година да станеме полноправна членка на Европската Унија, како што од изолирана држава, со фокус кон перспективите, успеавме да станеме полноправна, почитувана и доверлива членка во НАТО. А, на тие кои зборуваат за гордост, Крива Паланка е вистинското место од каде може, треба и имаме должност да укажеме. За да се зборува за гордост, прво треба да се сработи за своите граѓани, изјави Николовски.

Тој рече дека СДСМ и коалицијата го исполниле и надминале ветувањето за 500 евра просечна плата, а просечната плата денес е над 630 евра.

- Најавуваваме просечна плата од 1.100 евра, а со влезот во Унијата, ќе има 1.300 евра просечна плата во земјава. Најавуваме минимална плата од 600 евра, а со влез во ЕУ  ќе има минимална плата од 800 евра.Најавуваме 180 милиони евра за домашните компании. И 3,5 милијарди евра вкупни инвестиции, а со влез во ЕУ 1.100.000.000 евра за македонското земјоделство. Децениските неостварени ветувања на многумина се реалност, ќе се вложат 750.000.000 евра во железничкиот коридор и најавувам експресен пат Ранковце-Куманово, така што само со работа, со квалитет ќе работиме за брз влез во ЕУ, за подобар живот на сите, зашто ние не ги делиме луѓето, нема привилегирани, сите се исти. Тоа се основни постулати на оваа генерација политичари и знам, на 8 мај ќе ја формираме новата влада со големо мнозинство во парламентот и со нашиот претседател Стево ќе одработиме за брз влез во ЕУ до 2030 година. Со отворени европски перспективи, со отворен европски пазар за македонските производи и македонските компании, порача Никлоовски.

Ностителката на ИЕ 3 Сања Лукаревска порача дека важно е во претстојниот период да се сочуваат државата и нејзиниот исправен пат.

-СДСМ е силна и моќна партија и нуди мирна, европска, спокојна иднина за македонскиот народ. Тоа го покажавме бидејќи внимававме на сите граѓани, на компаниите, носевме економски мерки, носевме програми, надминавме кризи. Да не заборавиме низ што се поминавме претходно, за време на режимот, низ закани, молк, уцени, но победивме и тогаш заедно со народот, ќе победиме и сега, бидејќи кога СДСМ победува, победници се и државата и граѓаните, рече Лукаревска.

Градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски говореше за Николовски како другар, сопартиец и соработник, за кој рече, е заслужен што Крива Паланка е денес град-пример како се сака родниот град и како се вложува во негиовиот севкупен развој.

-Проект по проект, концепциски, со визија, другарот Љупчо е заслужен што денес Крива Паланка е град - пример како со добра соработка и цврста спрега меѓу локалната и централната власт се сведочи за развој, досега незапаметен во историјата на општината, од инфраструктурен, туристички, културен, севкупен развој. Тоа е доказ дека ИЕ 3 има јасен избор, лидер и предводник и ко-носител, пред се човечен и чесен човек што ќе ги застапува сите граѓани, и во парламентот и во сите државни институции.Човек кој не се штеди себеси за да помогне, со висок морал. Пример каков што Крива Паланка немала досега во историјата. Токму тоа му дава легитимитет на стартот на кампањата повторно од граѓаните да ја бара поддршката, а јас знам, Крива Паланка на 8 мај со масовната поддршка, со убедливата победа ќе му се оддолжи, додаде Митовски. ид/мд/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан