• понеделник, 23 декември 2024

Охрид се подготвува за празнувањето на Богојавленскиот водосвет

Охрид се подготвува за празнувањето на Богојавленскиот водосвет

Охрид, 17 јануари 2024 (МИА) – Централното градско подрачје и пристаништето во Охрид се уредуваат и расчистуваат за да бидат подготвени за дочек на на верниците и гостите што ќе решат овој Богојавленски празничен викенд да го минат на Охридското Езеро.

Екипите на јавните претпријатија го украсуваат Градскиот плоштад, пристаништето и шеталиштата за празникот Водици, кога на тоа место се собираат и десетици илјади верници, што доаѓаат да присуствуват на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро и положувањето на Чесниот крст. 

Во тек се последните подготовки за празнувањето на Богојавленскиот водосвет во Охрид. Градот се украсува, пристапните улици и крајбрежниот појас се расчистуваат, додека нуркачите од охридските клубови во текот на утрешниот ден ќе го расчистуваат дното на езерото каде е предвидено да влезат оние кои ќе се обидат да го извадат крстот од езерото.

И ова година има голем број пријавени верници што ќе скокаат по крстот, досега ги има над 400. Како што изјави за МИА Илија Ристески од Дебарско-кичевската епархија, бројот на оние што се пријавуваат секојдневно расте, а она што е интересно што оваа година има голем број пријавени верници од другите градови од земјата, како и од околните држави.

За нивната безбедност и здравствена состојба ќе се погрижат и неколку дежурни екипи на Црвениот крст, кои во текот на утрешниот ден ќе организираат основни здравствени прегледи на сите они што планираат да влезат во студените езерски води. На самиот ден Водици традиционално ќе биде организирана и крводарителна акција, што под мотото „Една капка може да промени се“ ќе се спроведува во Центарот за култура „Григор Прличев“ од 9 до 15 часот.

Инаку, празнувањето на Водици во Охрид има долгогодишна традиција. Црковниот дел од манифестацијата почнува со свечените богослужби во црквите низ градот од 7 часот. Централната божествена литургија ќе се врши во црквата Успение на Пресвета Богородица со која ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско-кичевски г-дин Тимотеј, од каде поворката, верниците масовно заедно со свештениците се упатуваат кон Градското пристаниште каде ќе бидат осветени водите на Охридското Езеро, а потоа ќе се положи и Чесниот крст, предвидено за во 10 часот.

И оваа година на Сараиште точно на пладне ќе се спроведува групно крштевање, а заинтересираните можат да се пријават кај парохискиот свештеник на црквата „Свети никола – Геракомија“.

Што се однесува на световниот дел од манифестацијата, Општина Охрид организира соодветна забавна програма, со настап на уметници и музичари од охридскиот еснаф. Централниот настан е предвиден за Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ каде за доброто расположение на гостите ќе бидат задолжени „Некст тајм“.

Традиционално во Охрид Богојавленските празници продолжуваат и со Денот на рибарите, што се празнува утредента на празникот Свети Јован Крстител. Со капењето на рибарите своевремено се означувал крајот на мрестот на пастрмката и почетокот на сезоната на риболов, додека во поново време на овој ден се одбележува почетокот на изловот на пастрмката за нејзино измолзување и вештачки мрест. За оваа година предвидено е за гостите да биде обезбедена и храна и пијалоци што се консумираат за овие христијански празници.

Инаку, празнувањето на верските празници Богојавление и Свети Јован Крстител во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во православието, барем во овој дел од светот, како според бројот посетители на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро, така и според бројот верници и гости кои влегуваат во студените езерски води за да го фатат Светиот крст. аб/са/

фото/МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан