• петок, 22 ноември 2024

Нема напредок во разговорите меѓу Хамас и Израел со посредниците во Каиро

Нема напредок во разговорите меѓу Хамас и Израел со посредниците во Каиро

Каиро, 5 мај 2024 (МИА) - Водачите на палестинската милитантна група Хамас не успеаја да постигнат напредок на вториот ден од разговорите во Каиро со посредниците од Египет и Катар за примирје со Израел и остануваат на барањето секој договор да вклучува крај на војната во Појасот Газа, соопштија палестинските власти.

Неименуван палестински функционер запознаен со разговорите изјави дека делегација на Хамас пристигнала во Каиро со намера да постигне договор, „но не по секоја цена“.

„Со договорот мора да се стави крај на војната и Израел да биде протеран од Појасот Газа, но Израел сè уште не се обврза дека ќе биде подготвен да го стори тоа“, рече  палестинскиот претставник.

Израел сака договор што ќе ослободи барем некои од околу 130-те заложници кои сè уште ги држи Хамас, но израелски официјален претставник вчера истакна дека основната позиција не е променета и дека Израел „под никакви околности“ нема да се согласи на договор за ставање крај на борбите кои ги води со цел да се разоружа и трајно да се уништи Хамас.

Друг палестински функционер потврди дека разговорите се „пред предизвик затоа што Израел одбива да се обврзе на сеопфатно примирје“, но додаде дека делегацијата на Хамас сè уште е во Каиро со надеж дека посредниците би можеле да извршат притисок врз израелската страна да ја промени својата позиција. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан