• понеделник, 23 декември 2024

Неизвесност за градежниот сектор од поскапените материјали, се бара скалеста промена на договорните цени

Неизвесност за градежниот сектор од поскапените материјали, се бара скалеста промена на договорните цени
Скопје, 4 јуни 2022 (МИА) - Креирање можност во договорите на градежните проекти за скалесто менување на цените согласно инфлаторните движења, според градежните здруженија и комори е излез од состојбата во која се наоѓа градежниот сектор поради поскапувањето на градежните материјали и нестабилноста на цените. Иницијатива за тоа е веќе доставена до Владата и надлежните институции и се одржани неколку средби со цел да се најде најдобиот начин за да продолжи реализацијата на капиталните проекти и покрај надворешните влијанија од воениот конфликт во Украина и претходно од пандемијата. Поскапените градежни материјали  влијаат и на тековните и на идните проекти Основните градежни материјали, според градежната фела, бележат значителен раст на цените.  Анализата на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите покажува дека во периодот март 2020 до март 2021 цената на челичните профили и цевки порасна за 33 проценти, од март 2021 до јуни 2021 за дополнителни 33 проценти, а до крајот на годината и до 95 проценти. Од почетокот на пандемијата до крајот на претходната година поскапувањата кај оплатата, геокомпозитот, термоизолацијата ESP, заштитните премази, полимер-битуменот за асфалт и металните профили надминаа 50 проценти. -Она што загрижува е што е неизвесен крајот на поскапувањата на материјалите кои со особено изразен интензитет продолжија од почетокот на оваа година и не се очекува стабилизација на поскапувањата во сезоната која следи, што се одразува врз целокупниот деловен амбиент и работењето на градежната индустрија, велат за МИА од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметапи. Проблемот со поскапувањата ги засега сите сегменти на градежништвото и високоградбата и нискоградбата, а исто така и приватните вложувања и јавните инвестиции. Проблемот иако се манифестира во сите сфери, најмногу се чувствува во доменот на јавните набавки. -Кај тековните јавни набавки има проекти кои се реализираат три, пет и повеќе години, при што кај набавките со фиксни цени, компаниите работат во услови на непроменети цени договорени пред неколку години и неможност на корекција на истите, додека кај набавките каде има пропишано клизна скала истата не функционира, односно не ги одразува зголемувањата на цените во реалноста. Голем проблем се и новите јавни набавки со оглед дека условите по кои се пропишуваат се услови кои не соодветствуваат со денешните состојби. Поради тоа, се доведува во прашање исплатливоста на реализацијата и се создава неизвесност во градежништвото што може да доведе до пропаѓање на голем број тендерски постапки, укажуваат од Здружението. Поради влошената состојба во секторот тие минатиот месец доставија нова иницијатива за корекцијата за разлики во цени која се применува во најголем дел од договорите за градење на проекти што се изведуваат подолг временски период. -Уште на почетокот на претходната година алармиравме до надлежните институции за навремено преземање мерки за справување со поскапувањата на цените на градежните материјали. Имајќи предвид дека досега не беа преземени мерки прилагодени на потребите на градежната индустрија, а состојбата е влошена и алармантна, како дополнување на веќе поднесените барања, со цел соодветно утврдување на разликата во цени на тековните и новите договори за градење, минатиот месец до надлежните институции доставивме нова иницијатива за ревидирање на клизната скала, односно корекцијата за разлики во цени (Price adjustment)  која се применува во најголем дел од договорите за градење (изведба) на проекти што се изведуваат подолг временски период, посочуваат од Здружението. Не очекуваат подобрување, туку намален обем на работа.  -Имајќи  ги предвид актуелните состојби со кризата, како и досегашното искуство во однос на администрирањето и реализацијата на капиталните проекти, каде во наши услови речиси секогаш се јавува расчекор помеѓу планираните и реализираните расходи, не очекуваме одредени придвижувања на состојбите во позитивна насока, односно очекуваме стагнација и намален обем на работа во градежниот сектор, посочуваат  од Здружението. Во делот на нискоградбата, прецизираат, растот на цените на градежните материјали ја доведува во прашање исплатливоста на реализацијата на проектите, поради што во одредени случаи компаниите ги раскинуваат договорите, особено оние кај кои не постои можност за корекција на цените. Во делот на високоградбата, покрај другите фактори, поскапувањата на градежните материјали доведува до раст на цената на становите, што го потврдуваат и податоците на НБРСМ кои покажуваат дека во првиот квартал годинава цените на становите бележат раст од 12,4 проценти на годишно ниво, а на квартално од 2,9 проценти. И од Градежната комора при Сојузот на Стопански комори бараат поддршка за надминување на проблемот со нестабилноста на цените поради непредвидливоста на берзите.

 -Пандемијата во градежниот сектор предизвика драстичен раст на цените на репроматеријалите на светските берзи, што пак предизвика раст на цените на градежните производи. Во моментов цените на некои основни материјали се покачени и за 100 проценти, а растот во просек е околу 40 проценти. Но истакнуваме и дека голем проблем е тоа што нема предвидливост бидејќи берзите кои ги одредуваат цените се многу нестабилни, изјавија за МИА од Градежната комора при ССК.

И според нив, најголем проблем и сериозен предизвик кој се заканува на опстојувањето и ликвидноста на компаниите се тековните договори кои се склучени на почетокот на минатата година, бидејќи цените и условите кои тие ги содржат поради трендот на раст на цените на градежните материјали не се веќе реални. Некои проекти се во мирување поради неможноста за правилно калкулирање на крајните цени. Излезот од овој проблем го гледаме во креирање можност во договорите за скалесто менување на цените согласно инфлаторните движења. Се уште постои голема непредвидливост во предвидување и планирање на идните активности така што е невозможно да се дадат прецизни проценки за наредниот период. 

Заложби  да продолжи инвестицискиот циклус во инфраструктурата Од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) кои се носители на повеќе капитални проекти за МИА велат дека имаат разбирање за барањата на коморите и оти се бара најдобриот начин да продолжат  проектите. Сведоци сме, велат оттаму, на постојаното зголемување на цените на нафтата, нафтените деривати, на железото и останати производи кои се клучни во градежништвото, како и на отежнатата набавка на материјали предизвикани пред сѐ од економската и енергетската криза како последица на војната во Украина и претходно кризата со пандемијата. Од таму ние имаме разбирање за барањето на Градежната комора при ССК со кои Владата и надлежните институции остварија неколку средби на кои се дискутираше за скалесто менување на цените согласно со инфлаторните движења, но тоа е одлука која што не може да ја донесе самостојно ЈПДП. Ова од причини што потпишаните договори со градежните компании се согласно со Законот за јавни набавки. -Владата на РСМ и надлежните институции ги разгледуваат барањата и се бара најдобиот начин за да продолжи реализацијата на капиталните проекти и покрај надворешните влијанија од воениот конфликт и претходно од пандемијата, наведуваат од ЈПДП и потенцираат дека Владата и ЈПДП се партнер на  градежните компании и во таа насока се залагаат за продолжување на инвестицискиот циклус во патната мрежа. Реализацијата на капиталните инвестиции на ЈПДП, дополнуваат, во првите месеци од годинава токму поради погоре наведените причини се одвива побавно и до овој момент имаме реализирано 2,4 милијарди денари, односно 11  проценти од планираното. Но, потенцираат, градежната сезона секогаш е поинтензивна во пролетните и летните месеци и токму затоа очекуваме следниве неколку месеци овој процент значително да се промени. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, пак, уверува дека изградбата на крупните капитални проекти продолжува со несмалено темпо, односно нема прекин во нивната реализација. -Градежништвото го одржуваме во полна кондиција и со навремени мерки што ги преземаме ги надминуваме сите предизвици пред кои сме исправени со оглед на сите овие светски економски кризи коишто се наоѓаат пред нас. Градежната офанзива е во полн ек, целата механизација е на терен низ целата држава. Оваа година имаме историски најголем буџет за изградба на патишта и на целосна рехабилитација на целата патна инфраструктура и модернизацијана железничката инфраструктура. Во постојан контакт сме со сите градежни компании, со стопанските комори, со цел реализација на проектите коишто ги започнавме за да обезбедиме најдобри услови и континуитет во градбата на сите најзначајни проекти за нашата земја, изјави Бочварски.                        
Прекројување на капитални инвестици - повеќе пари за гасифакција, за Коридор 8 и за субвенции за авиолинии   Со  ребалансот на Буџетот вкупните капитални расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари, за околу 6 милијарди денари помалку во однос на планот за 2022 година.
-Во ресорот Транспорт и врски со ребалансот се предвидени дополнителни средства за социјални станови и за гасификацијата, а се крати кај субвенциите за авоилиниии, проектот БРТ, и проектите за патишта и железници од Коридорот 8, поради пролонгирањето на почетокот на најавените проекти, информираа за МИА од Министерството за транспорт и врски.
За изградба на станови за што не беа предвидени средства, сега се предлага да бидат одвоени 200 милиони денари, а за проектите за гасификација има зголемување за 300 милиони денари, односно од 273. 898.000 на 573.998.000 денари.
Покрај кај непродуктивните трошоци,  како и во останатите ресори, кратења има кај субвенциите за авиолинии, од првично предвидените 70 милиони денари на 40 милиони денари. Причина, како што објаснуваат, е истекувањето на Договорот со нискобуџетната авиокомпанија Визер на 1 март годинава. Во завршна фаза е подготовка на друг јавен повик и се разработуваат и други модели на финансиска поддршка. Скратени се и сите средства во износ од 246 милиони денари за проектот за Брз автобуски превоз БРТ.
Две милијарди денари, пак, се предлага да бидат намалени за проектот за изградба на Коридор 8 што треба да го реализира конзорциумот Бехтел и Енка, од предвидените 5,9 милијарда денари на 3,9 милијарда денари. Тоа е од причина што се чека заокружување на постапките за склучување договор пред старт на градежните работи на терен. Во завршна фаза  е изборот на Надзор и Меѓународен правен трансакциски советник кој што ќе ги води преговорите заедно со веќе формираниот Комитетот за преговори за склучување на договорот за градење на Коридорoт 8 и Коридорот 10D со Бехтел-Енка за изградба на автопатите Тетово – Гостивар – Букојчани и Требеништа – Струга – Ќафасан од патниот Коридор 8, како и автопатската делница Прилеп – Битола на Коридорот 10д. По завршувањето на сите законски процедури за јавната набавка,  според ЈПДП, ќе следи потпишување на договор за градење.
Од планираните пари за изградба на првите две делници од пругата кон Бугарија на железничкиот Коридор 8 има над 600 милиони денари кратење, односно од  1,793 на 1,157 милијарда денари, бидејќи се уште се чека стартот на градежните работи. Предвидените 200 милиони евра за овој прект, обезбедени од Европската банка за обнова и развој и од ИПА, објаснуваат од ресорот транспорт и врски, ќе се користат исклучиво за таа намена, ќе стојат на сметката на заеми, а кога ќе почне реализацијата повторно ќе бидат повлечени.  Како што изјави претходно Бочварски, во финална фаза е тендерската процедура за избор на изведувачи за делниците Куманово-Бељаковце и Бељаковце-Крива Паланка на Коридорот 8.
Тимот кој работеше на овие процедури го заврши извештајот, имаме и позитивен одговор од ЕБРД од каде што ги добиваме средствата и сега се работи на сите технички работи во однос на потпишување на договорот, реалокација на средства, што исто така е последниот чекор за склучување договор, рече Бочварски.
И покрај кратењето на капиталните инвестиции, според министерот за финансии Фатмир Бесими, тие за оваа година остануваат на рекордно ниво и со намалената сума, односно тaа е за 8,8 милијарди денари или 37,8 проценти повисоко во однос на минатата година  и за 16,1 милијарди денари, односно два пати повисоко во однос на 2020 година. При образложението на ребалансот на Буџетот Бесими рече дека значајни инвестициски вложувања со буџетски средства се планирани во областа на патната инфраструктура, на Коридорот 8 при што ги наброја проектите: проширување на автопат Тетово-Гостивар,  изградба на нов автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, изградба на делница Гостивар-Букојчани, делницата Ранковце-Крива Паланка и Крива Паланка до границата со Бугарија, како и западниот дел од патниот Коридор 8 преку изградба на автопатска делница Кичево-Букојчани и делницата Кичево-Охрид. На Коридорот 10 е планирана делницата Прилеп – Битола. Дополнително, JПДП треба изготви физибилити студија за изградба на патот Тетово-Призрен. Исто така, со кредитни средства е предвидена изградба на автопатската делница Скопје-Блаце (граница со Косово), подобрувањето на патната инфраструктура на општините преку Проектот за поврзување на локални патишта. Во делот на железничката инфраструктура, според Бесими, ќе се финансираат трите фази од изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга – Коридор 8, како и Проектот изградба на железничка пруга Кичево – граница со Албанија. Воедно, планирана е изградбата на железнички граничен премин со придружни содржини „Табановце“ Србија која ќе се финансира со заем и грант средства од Инвестициска рамка за Западен Балкан (WBIF).
Во областа на гасификацијата ќе се градат магистралните гасоводи делница Скопје-Тетово, Гостивар – Кичево и делница Свети Николе – Велес, како и интерконективните гасоводи со Косово, со Србија и со Грција. Предвидена е изградба и реконструкција на основни и средни училишта, изградба на фискултурни сали во средните училишта, реконструкција на студентски домови, додека во делот на општинската инфраструктура се финансираат Проектот за подобрување на општинските услуги и Проектот за  енергетска ефикасност во јавниот сектор. Планирани се и повеќе капитални проекти од комуналната инфраструктура. Капитален проект во животната средина е  изградбата на Пречистителна станица за отпадни води Скопје, како и станиците за цврст отпад во Полошкиот, Југозападниот, Вардарскиот, Пелагонискиот регион, Југоисточен регион и Скопскиот регион, наброја тогаш Бесими.
Кратењето на капиталните инвестиции, според Здружението на градежништво при Стопанска комора, покажува дека поддршката на државата е пред се насочена кон заштита на животниот стандард на граѓаните и решавање на најургентните проблеми на стопанството, а развојната компонента е оставена за ден потоа. Според Сојузот на стопански комори пак, со ребалансот на Буџетот има сериозно засегање на капиталните инвестиции, што, велат, кај нас веќе е тренд бидејќи тие се намалуваат при секој ребаланс. Капиталните инвестиции, порачуваат, се особено важни, бидејќи нивната реализација ангажира неколку стопански гранки и имаат долгорочни позитивни ефекти. Иако во неколку наврати досега од владини претставници беа истакнати заложби за зголемување на реализацијата на капиталните расходи, сепак, како што велат од ССК, во пракса се уште нема ефект од тој процес.
Последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека во март годинава се изадени 373 одобренија за градење, што е за 10,4 отсто повеќе во однос на март минатата година. Од вкупниот број одобренија, 182 се наменети за објекти од високоградба, 69 одобренија се за нискоградба и 122 се за реконструкција. Вкупната предвидена вредност на објектите што ќе се градат според издадените одбренија изнесува 4 585 341 000 денари, и е за 12,1  проценти помалку во однос на март минатата година.
Лидија Велковска

Остани поврзан