• петок, 22 ноември 2024

Во прилепско без нови детални урбанистички планови и неиздавање дозволи за градба, се отвора простор за дивоградби

Во прилепско без нови детални урбанистички планови и неиздавање дозволи за градба, се отвора простор за дивоградби

Прилеп, 20 јануари 2024 (МИА) - Прилепското градежништво во новата 2024 година влезе со старите долгогодишни проблеми. На проблемот со недонесените нови детални урбанистички планови се надоврза и повеќегодишниот проблем со неиздавање градежни дозволи за градба.

Градбата во Прилеп стагнира и во ситуација без нови детални урбанистички планови и без градежни дозволи се отвора патот на нелегалното градење.

Гордан Бошкоски, косопственик на прилепската градежна фирма „Теракота“ вели дека по повеќе години конечно добиле дозвола и можност да се среди сета градежна документација за изградба на колективна зграда. Но тоа не го решава проблемот и е само капка за да се потсредат незавидните состојби во градежништвото. Укажува дека за 10 години не се успеало да се усогласат деталните со Генералниот урбанистички план на кој му поминал рокот.

-Прилепската локална самоуправа, заедно со Министерството за транспорт и врски сѐ уште прави усогласеност на Генералниот урбанистички план со деталните урбанистички планови, иако веќе во 2023 година заврши рокот и важењето на Генералниот урбанистички план и треба веќе да се носи нов Генерален урбанистички план. Зборуваме за Прилеп, конкретно. Тоа значи дека ние не успеавме за 10 години да го усогласиме Генералниот урбанистички план, на кој му одмина рокот, со деталните урбанистички планови. Ветено е од локалната самоуправа дека со некои мали измени во тие законски регулативи би се средило тоа, односно таа усогласеност и важење на деталните урбанистички планови, иако според законот имаме многу детални урбанистички планови низ градот на кои им е завршена важноста, објаснува Бошкоски.

Филип Илиески од градежната фирма „Изофас“ вели дека нема помрднување од мртвата точка.

- Градежништвото како гранка и сектор е двигател на економијата. Во 2023 година исто како да не сме се помрднале од таа „мртва точка“. Сѐ уште е состојбата со старите детални урбанистички планови, да не говориме за Генералниот урбанистички план. Нема нови. Функционираме со она што е постоечко. Сѐ уште општинската администрација го кочи издавањето на градежните дозволи. Мислам дека продолжува истата тенденција од лани и ние, да речам, сѐ уште тониме во однос на тоа. Неиздавањето на градежни дозволи негативно влијае на нашиот градежен сектор. Се надевам дека во оваа, 2024 година, работите конечно ќе се придвижат во некоја позитивна насока и кога ќе имаме нов детален или Генерален урбанистички план, вели Илиески.

Од прилепската локална самоуправа велат дека донесувањето на деталните урбанистички планови е секогаш работа која некако доцни зад потребите на градежниците. Законските решенија се сериозни филтри, но нема конкретен одговор со рок за унапредување на состојбите во градежниот сектор.

-Сега е донесена нова уредба. Прво треба на Советот да помине Нацрт на Деталниот урбанистички план, па да оди на јавна расправа, потоа оди низ филтрите на Министерството за транспорт и врски и кога ќе биде во завршна фаза, со отстранетите забелешки што ги има ова Министерство, повторно се враќа на гласање на општинскиот Совет. Тоа одзема време. Рамката во која се донесуваат деталните урбанистички планови е пет години. Некогаш се случува и планскиот период да биде завршен до донесувањето на деталниот урбанистички план, вели Дејан Проданоски, претседател на Советот на општина Прилеп.

Проданоски со став дека треба да интервенира законодавниот дом со измени.

-Во иднина, сметам дека треба да се размислува законодавниот дом да направи некои поместувања, односно, да направи измена за да се забрза процесот и да ги следиме барањето и трендот што ги имаат градежниците, вели претседателот на прилепскиот Совет Дејан Проданоски.

Процедурите, недонесените нови детални урбанистички планови, што, пак, е поврзано со неиздавањето дозволи за градба, може да бидат „стимул“ за нелегалната градба. Граѓаните имаат потреба да го решат станбеното прашање, а одолговлекувањата не одат во прилог на легалноста во градењето. Според градежниците, нема усогласеност на институциите во системот.

-Можеме само да очекуваме подобрување на состојбите. Ништо, за жал, не зависи од нас и ние не можеме да диктираме.Овие работи треба да бидат средени за да може луѓето кога ќе појдат и кога веќе имаат намера да градат, да немаат проблеми при вадење на градежно-техничката и урбанистичката документација неопходна за да започнат каков било вид на градба, ако сакаат легално да градат. Едноставно, луѓето се принудени диво да градат поради неусогласеност и нефункционирање на институциите на системот, вели прилепскиот градежник Гордан Бошкоски од фирмата „Теракота“.

Во Прилеп со години тешко се стигнува до градежна дозвола и нов дом. Дали е тоа одраз на пошироки состојби, зашто се бараат законски измени и забрзување на процедурите или едноставно нема институционална усогласеност? Прашањата за состојбите, барем во прилепскиот градежен сектор, остануваат отворени и во 2024 година.

Елизабета Митреска

Фото: МИА

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан