• петок, 22 ноември 2024

На Годишната конференција „Ingram & Vendors Networking #3“ во Охрид поставени темелите на најновите стандарди во ИТ индустријата 

На Годишната конференција „Ingram & Vendors Networking #3“  во Охрид поставени темелите на најновите стандарди во ИТ индустријата 

Охрид, 26 септември 2024 (МИА) – Прашањето и начините за надминување на ризиците во сајбер-безбедноста, како и унапредувањето на софтверите и виртуелизацијата беа во фокусот на дискусијата на учесниците на третата Годишна конференција на „Ingram & Vendors Networking #3“ што се одржа во Охрид.

Водечки експерти од областа на информатичката технологија пред 170-те учесници на собирот во Охрид ги претставија најновите текови во ИТ сферата и споделија мислења со партнерите и студентите кои наскоро ќе станат дел од таа фела.

Пред нив обраќање имаше и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој истакна дека приватниот сектор е стратешки партнер на зацртаните цели за планираната дејност на Министерството.

- Партнерството што го гради Владата со граѓаните и особено со приватниот сектор, е клучен инструмент доколку сакате да изградите еко-систем што е целосно функционален. Дигиталната трансформација на Македонија мора да биде поттикната од активностите и на приватниот и на јавниот сектор. Само преку синергија можеме да постигнеме вистински успех во дигиталната трансформација, рече Андоновски.

Генералниот директор на „Инграм Микро“ за Северна Македонија, Албанија и Косово, Филип Силјановски посочи дека од огромна важност за компаниите претставува ваквото вмрежување како собирот во Охрид, како традиционален настан на кој се утврдуваат насоките кон активностите со кои ќе се модернизира ИТ секторот.

- Изминатите 45 години, покажавме и докажавме дека за нас не постои ненадминлив предизвик и дека знаеме и умееме како за нашите партнери и клиенти да создадеме услуги кои се идеални за нивното работење. Она што сакам да го ветам, е тоа дека ‘Инграм Микро’ останува посветен да си ја зачува титулата водечка компанија во ИТ индустријата. Чест ни е што во континуитет остануваме посветени на нашата дејност, рече Силјановски.

Учесниците на конференцијата заклучија дека конференцијата претставува исклучителна можност за размена на мислења и споделувања на знаења, што овозможува кариерен напредок во областа. аб/бак/

Фото: Инграм микро

 

Остани поврзан