• петок, 22 ноември 2024

На британските конзервативци анкетите им предвидуваат најголем пораз на изборите од 1997 година

На британските конзервативци анкетите им предвидуваат најголем пораз на изборите од 1997 година

Лондон, 16 јануари 2024 (МИА) - Конзервативната партија на британскиот премиер Риши Сунак се соочува со изборен пораз на исто ниво со убедливиот пораз на Лабуристичката партија во 1997 година, покажува анкетата на YouGov објавена во весникот Телеграф.

Пред изборите што се очекуваат подоцна оваа година, анкетите предвидуваат дека лабуристите се на пат да освојат 385 места во Парламентот, додека конзервативците ќе задржат само 169, губејќи повеќе места отколку во 1997 година кога Тони Блер ги донесе лабуристите на власт.

Тоа би претставувало замав од 11,5 отсто во насока на Лабуристичката партија предводена од Кир Стармер, што е најголем пад на поддршката за владејачката партија од 1906 година, пишува Телеграф.

Вкупно 14.000 луѓе анкетирани од YouGov е седум пати повеќе од вообичаениот број на луѓе вклучени во анкетите на компанијата.

Истражувањето е нарачано од група конзервативни донатори, пишува Телеграф.

Неодамнешните анкети постојано покажуваат дека конзервативците заостануваат зад Лабуристите. Анкетата на YouGov во ноември покажа дека партијата на Сунак е зад Лабуристите за 19 процентни поени.

Запрашан за најновата прогноза за тежок изборен пораз, Сунак рече дека единствената анкета што е важна се всушност парламентарните избори кои мора да се одржат до јануари 2025 година, но тој навести дека тие би можеле да се одржат и на крајот на оваа година.

„Имаше многу анкети во текот на минатата година. Ќе има уште стотици анкети. Единственото нешто што е важно е што ќе се случи кога ќе дојдат општите избори. Ние се држиме до нашиот план, кој функционира“, рече Сунак. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан