• понеделник, 23 декември 2024

Најмалку 93 лица загинаа во поплавите во Кенија

Најмалку 93 лица загинаа во поплавите во Кенија

Најроби, 29 април 2024 (МИА) - Кенија го одложи отворањето на училиштата за една недела поради последиците од големите поплави предизвикани од обилните дождови кои ја погодија оваа источноафриканска земја од средината на март и досега однесоа речиси 100 животи.

Се проценува дека 93 лица загинаа во поплавите, а се очекува бројот да се зголеми откако синоќа се преврте брод во северниот округ Гариса.

Кенискиот Црвен крст соопшти дека 23 лица биле спасени од чамецот, но десетици се уште се водат како исчезнати.

Во соопштението на Министерството за образование се наведува дека во поплавите тешко се оштетени некои училишта. Локалните медиуми објавија дека повеќе од 100 училишта се поплавени, а на многу од нив им се урнати ѕидови и покриви.

Сите училишта кои денеска требаше да бидат отворени, го одложија тоа за 6 мај.

Обилни дождови ја погодија Кенија од средината на март, а Одделот за метеорологија на земјата предупредува на опасност од нови врнежи.

Најголем број жртви се евидентирани во главниот град на Кенија, Најроби, каде во вчера беше поплавен и аеродромот. Снимките на социјалните мрежи покажуваат дека се поплавени пистата, терминалот и товарниот дел на аеродромот.

Повеќе од 200.000 луѓе низ земјата се погодени од поплавите, а куќите беа потопени во областите подложни на поплави додека луѓето бараа засолниште во училиштата.

Кенискиот претседател Вилијам Руто побара од Националната служба за млади да обезбеди земјиште за привремени кампови за погодените од поплавите.

Во источноафриканскиот регион се соочуваат со поплави поради обилните дождови, а во Танзанија се пријавени 155 загинати, додека повеќе од 200.000 се погодени во соседен Бурунди. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан