• петок, 22 ноември 2024

Најмалку 50 повредени на фестивал за културата на Еритреја во Стокхолм

Најмалку 50 повредени на фестивал за културата на Еритреја во Стокхолм

Стокхолм, 4 август 2023 (МИА) - Повеќе од 50 лица се повредени, од кои осум потешко, а околу стотина се приведени откако противници на владата на Еритреја упаднаа на настан во Стокхолм, организиран од приврзаници на режимот на Еритреја.

Околу 1.000 антивладини демонстранти, на кои им беше дозволено да одржат протест во близина на фестивалот, ја пробија полициската бариера, ги урнаа фестивалските шатори и запалија возила, јавуваат агенциите.

Полицијата соопшти дека привела околу сто лица по избувнувањето на насилните немири и дека останува во северозападното предградие на Стокхолм заради враќање и воспоставување на редот.

Според портпаролот на полицијата, приведени се меѓу 100 и 200 лица, а отворена е истрага за насилни немири и подметнати пожари, како и за попречување на работата на полицијата и спасувачките служби.

Полицијата соопшти дека најмалку 52 лица побарале лекарска помош, или на местото на настанот или во локалните клиники и болници. Петнаесет лица се префрлени во болница, соопшти во посебно соопштение здравствената управа на регионот Стокхолм. Како што се наведува, осум лица се здобиле со „тешки повреди“, додека останатите седум се здобиле со „лесни повреди“.

Во Шведска живеат десетици илјади луѓе со потекло од Еритреја. Фестивалот посветен на културното наследство на Еритреја е годишен настан што се одржува од 1990-тите, но е критикуван затоа што наводно служи како промотивна алатка и извор на пари за властите на оваа африканска земја, јавуваат шведските медиуми. сд/

фото: ЕПА

Остани поврзан