• петок, 05 декември 2025

Најмалку 20 загинати во судир на место за дистрибуција на помош во Газа

Најмалку 20 загинати во судир на место за дистрибуција на помош во Газа

Тел Авив, 16 јули 2025 (МИА) – Дваесет лица утрово загинаа за време на судир на пункт за дистрибуција на помош во Појасот Газа, соопшти организацијата Хуманитарна Фондација Газа (ГХФ), поддржана од Израел и САД.

Приватната фондација соопшти дека 19 од жртвите биле прегазени до смрт, додека едно лице било фатално избодено со нож.

- Имаме веродостојна причина да веруваме дека елементи во толпата, вооружени и поврзани со Хамас, намерно ги поттикнаа немирите, соопшти ГХФ додавајќи дека инцидентот се случил во центар за дистрибуција во јужниот град Кан Јунис.

Персоналот на ГХФ тврди дека забележал огнено оружје меѓу насобраните, при што вработен од САД бил загрозен со пиштол од поединец во толпата.

ДПА нагласува дека извештајот на фондацијата не е независно потврден, а палестинската исламистичка организација Хамас досега не коментарала.

ГХФ, која почна со работа на крајот на мај со поддршка од Израел и САД, моментално ја надгледува распределбата на храна во Појасот Газа по повеќемесечните израелски ограничувања на испораките на помош. Меѓутоа, фондацијата се најде под силни критики од ОН и хуманитарните организации, кои тврдат дека таа води премалку дистрибутивни пунктови, создавајќи хаотични услови кои ги изложуваат цивилите на сериозна опасност.

Во последните недели постојано беа пријавени фатални инциденти во близина на пунктовите за дистрибуција на помош. Иако израелската војска често е обвинета за отворање оган во такви случаи, последниот инцидент не е поврзан со воена акција. Според ОН, стотици луѓе загинале на или во близина на дистрибутивните центри управувани од ГХФ откако фондацијата почна со работа. јт/

Остани поврзан