• понеделник, 23 декември 2024

„Раселени“, самостојна изложба на уметницата Тања Балаќ

„Раселени“, самостојна изложба на  уметницата Тања Балаќ

Скопје, 5 септември 2023 (МИА) - Во Музејот на Република Северна Македонија денеска ќе биде отворена самостојна изложба на уметницата Тања Балаќ со наслов „Раселени“ (Displaced). 

На оваа изложба, Балаќ се претстави со 27 слики, кои се своевидно надополнување нанејзиниот претходен циклус започнат некаде во 2017 година под влијание на големата бегалска криза. Дела од овој циклус беа претставени на нејзините изложби во Скопје, Белград, Загреб...

Изложбата, што ќе ја отвори  историчарот на уметност и ликовен критичар, Кирил Пенушлиски, содржи дела создадени во периодот 2020-2022 година. 

- Во „Раселени“ за прв пат во опусот на Балаќ се појавуваат човечки фигури. Се работи за луѓе и лица што не можат да се идентификуваат. Тие луѓе „патуваат“ низ нејзините слики, а некои од нив се и само тивки посматрачи на трагичната човечка судбина. Човечките фигурите во овие нови, сини, слики, се третирани различно од оние во претходните дела. Луѓето се апстрактно предадени, со сведени црти на лицата - назначени со неколку потези и скоро секогаш работени со бела боја што дополнително ги прави нереални. Меѓутоа, тие фигури сега изгледаат како да заминуваат од платната на Балаќ. Резигнирани, помирени со својата судбина, немите портрети повеќе ја немаат стоичката димензија на оние од постарите слики. Слично на ова, и пределите во позадините на сликите се разликуваат од оние во минатите платна. Балаќ во постарите дела ни ги прикажуваше пејзажите од каде започнал егзодусот на луѓето на нејзините слики. Наспроти тоа, сега ретко можеме да забележиме некаква опиплива референца за некој пејзаж, град или пак предел. Но, апстрактните партии околу човечките фигурите на платното само го засилуваат впечатокот за неприфаќањето и ксенофобијата со која тие луѓе, бегалци, се соочуваат. Тоа се луѓе без дом и луѓе без иднина, изгубени во еден недефиниран меѓупростор каде ќе ги проголта заборавот на општеството, вели Пенушлиски за делата од изложбата.

И на оваа изложба авторката се занимава со темите за бегалската и мигрантската криза, осврнувајќи се на ксенофобичната реторика присутна во многу мејнстрим медиуми. Во обидот да создаде сеопфатна слика за овој глобален проблем, таа отвора многу прашања, но истовремено ја повикуваијавноста на заедничка потрага по можното решение.

По затворање на поставката во Музејот на Република Северна Македонија, „Раселени“ ќе патува во Стразбур, каде ќе биде изложена во „Арт клуб Амикале“ на Советот на Европа, а ќе ја отвори амбасадорката Светлана Гелева.

Тања Балаќ (р. 1968 година, Скопје), во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за сликарство. Трасирајќи го својот уметнички и професионален пат низ годините, во 2008 година магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за сликарство. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а во периодот од 2006 до 2013 година и негова претседателка. Меѓу многубројните професионални посети надвор од границите на Македонија, остварува студиската посета во Париз во 2003 година. Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видеоуметност. цр/са/

Фото: Тања Балаќ/Музеј на Република Северна Македонија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан