• петок, 05 декември 2025

Промоција на книгата „И повторно политика, култура, идентитет“

Промоција на книгата „И повторно политика, култура, идентитет“

Скопје, 11 ноември 2025 (МИА) -  Во Културно-информативниот центар – Скопје денеска ќе биде промовирана  монографијата „И повторно политика, култура, идентитет“ од Ангелина Бановиќ-Марковска и Златко Крамариќ во издание на „МИ-АН“. 

Како што соопшти КИЦ, занимавајќи се со политиката и поетиката на етнонационалните идентитети – видени низ призмата на културната антропологија, историографија и имагологија – авторите на овој труд нудат темелен и сеопфатен увид не само во културната меморија, туку и во идеологијата и етиката што ги обележале најтрауматичните моменти од македонската (но не и исклучиво македонската!) историја, и култура.

-Монографијата „И повторно политика, култура, идентитет“ на двајцата реномирани македонисти, книжевни теоретичари и културолози, Ангелина Бановиќ-Марковска и Златко Крамариќ, ја потврдува нивната долгогодишна посветеност на актуелните теории, не само во книжевната наука, туку и во културологијата, политологијата и историјата. Содржи предговор и дванаесет есеи кои претставуваат природно продолжение на темите отворени во нивниот претходен заеднички проект. Книгата во фокусот на интерес повторно ги става, исчитува и толкува најбитните прашања од националниот културен и книжевен живот, дефиниран од еден поширок историски, етнички и политички хронотоп, карактеристичен како за македонскиот, така и за балканскиот 19, 20 и 21 век, соопшти КИЦ-Скопје.

Книгата ќе ја промовираат академик Катица Ќулавкова, проф. д-р Славчо Ковилоски и проф. д-р Мишел Павловски. хс/са/

Фото: КИЦ-Скопје 

 

Остани поврзан