• понеделник, 23 декември 2024

Промоција на готскиот трилер „Што се случи со Исидора?“ од Јана Мишо

Промоција на готскиот трилер „Што се случи со Исидора?“ од Јана Мишо

Скопје, 31 октомври 2024 (МИА) - Во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ вечер ќе биде промовиран новиот роман  „Што се случи со Исидора?“ на авторката Јана Мишо. Промоторка на книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде уредничката Татјана Димовска-Атанасова.

Како што информираат од „Арс Ламина – публикации“, приказната во „Што се случи со Исидора?“ почнува по смртта на екстравагантната авторка Ноемија Нера.

-Нејзините отуѓени ќерки се враќаат во готската опатија каде што пораснале, заради отворање на тестаментот. Шокирани од содржината на документот, на Долорес и на Исидора не им преостанува ништо друго, освен да се погрижат за наследството, но престојот во морничавата опатија, опкружена со шума и гробишта, за Исидора се претвора во кошмар. Почнува да гледа лица кои не треба да се таму и луѓе кои никој друг не се сеќава дека ги видел. Откако ќе забележи девојка која би требало да е мртва веќе шеснаесет години, Исидора почнува  да пропаѓа во лавиринт од лудило и очај. Од секој мрачен ходник демнат спомени на негрижа, духови од декадентни забави и соништа со давење, се посочува во најавата за романот на Мишо.

Јана Мишо е писателка, блогерка, колумнистка и уредничка на женската рубрика „Off Café“ на „Офнет“ и необична урбана девојка вљубена во Скопје и во Париз. „Што се случи со Исидора?“ е прв готски трилер на Мишо, по популарните романи - „Скоро парижанка“, „Анаис од Монмартр“ и „Лулу“, како и на тин-серијалот „Јас сум Миа“.

Новиот роман веќе е во продажба во сите поголеми книжарници и онлајн на www.literatura.mk.фф/лв/

Фото: „Арс Ламина – публикации“

Остани поврзан