• недела, 22 декември 2024

Продолжува судењето за случајот Левица против Канал 5

Продолжува судењето за случајот Левица против Канал 5

Скопје, 19 ноември 2024 (МИА) - Судењето за случајот во кој политичката партија Левица ја тужи новинарката Михаела Димовска, уредникот Гоце Михајловски и трговското друштво Канал 5 за неовластено објавување личен запис, ќе продолжи денеска откако претходно беше одложено поради отсуство на законскиот застапник на партијата, Димитар Апасиев. Рочиштето е закажано за 12:30 часот во Основен кривичен суд Скопје.

На претходното рочиште, адвокатката на Левица изјави дека Апасиев е отсутен поради присуство на седница во Собранието. Таа истакна дека постои волја за помирување под одредени услови, додека, тужените, од друга страна, посочија дека не сакаат помирување. 

Тужените се товарат дека, како соизвршители, во вестите на „Канал 5“ противзаконски објавиле интерен партиски документ со степен на доверливост класифициран како деловна тајна, при што, според Левица, умислено го сториле кривичното дело „Неовластено објавување личен запис“, казниво по член 148 од Кривичниот законик.

Според тужените, тужбата е неоснована и претставува политички притисок врз медиумите. Нивните очекувања се дека институциите, како што посочија, „ќе си ја завршат работата“ и случајот ќе заврши во нивна полза. ар/аа/
Фото: МИА архива 

Остани поврзан