Почнува проектот финансиран од ЕУ за реформи во шумарството
- Со 1,26 милиони евра помош од ЕУ, земјава ќе добие техничка експертиза за основање агенција за шуми и поддршка за трансформација на јавното претпријатие „Македонски шуми“ во ефикасен национален орган за шуми. Ќе се воспостават веб-алатки за спречување на нелегалната сеча, како и систем за сертификација на шумите на најмалку 100 000 хектари од шумите во Северна Македонија.
Скопје, 10 мај 2023 (МИА) - Со 1,26 милиони евра помош од ЕУ, земјава ќе добие техничка експертиза за основање агенција за шуми и поддршка за трансформација на јавното претпријатие „Македонски шуми“ во ефикасен национален орган за шуми. Ќе се воспостават веб-алатки за спречување на нелегалната сеча, како и систем за сертификација на шумите на најмалку 100 000 хектари од шумите во Северна Македонија.
Ова е предвидено со проектот „Поддршка за реформите во шумарството во Северна Македонија“ чиј официјален почеток ќе биде означен денеска, во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.
-Европската унија ќе го поддржи одржливиот развој на секторот шумарство преку олеснето спроведување стратегии и политики. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе биде клучниот соговорник во претстојната двегодишна реформа за управување со шумите. Оваа реформа е блиску поврзана со основните начела од Зелениот план на ЕУ и од Зелената агенда за Западен Балкан и има за цел да обезбеди подобра заштита на шумите и зачувување на шумскиот биодиверзитет. Подоброто економско, социјално и еколошко управување со шумите води кон подобар квалитет на живеење, особено во руралните и планинските региони, наведуваат од Канцеларијата на ЕУ во Скопје.
Во 2020 година, ЕУ имаше проценети 160 милиони хектари шуми, што значи дека шумите покриваа 39 отсто од копнената површина на ЕУ. Најголемите шумски области во ЕУ беа во Шведска (28 милиони хектари), Финска (22 милиона хектари) и Шпанија (19 милиони хектари). мч/бак/
фото: МИА архива