• понеделник, 23 декември 2024

Османи во Будва на министерски состанок на Процесот за соработка на Југоисточна Европа

Османи во Будва на министерски состанок на Процесот за соработка на Југоисточна Европа

Скопје, 5 јуни 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржува во Будва. Состанокот се случува на неполн месец пред формалното преземање на претседавањето од страна на Република Северна Македонија, на 1 јули. 

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, по пленарната сесија, заедно со претставниците на Тројката претседавачи – Грција, Црна Гора и Северна Македонија - Османи ќе одржи конференција за медиумите, додека на маргините на министерскиот состанок, ќе оствари и билатерални средби со свои хомолози, земји-членки на иницијативата. 

Процесот за соработка во Југоисточна Европа е формиран во јуни 1996, со цел продлабочување на односите и соработката меѓу земјите од регионот. Иницијативата стреми кон создавање на регион темелен на демократија и економски просперитет и целосна интеграција на овој дел од континентот во европските и евро-атлантските структури. 

Северна Македонија е вклучена во иницијативата од самиот почеток, а претседаваше со неа во два наврати, 2000-2001 и 2012-2013 година. Покрај Северна Македонија, членки се Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Молдова, Романија, Србија, Словенија, Турција, Хрватска и Црна Гора. ев/са/

ФОТО: МИА Архива 

Остани поврзан