• недела, 22 декември 2024

Филхармонијата ќе гостува во Подгорица и во Дубровник

Филхармонијата ќе гостува во Подгорица и во Дубровник

Скопје, 6 јули 2023 (МИА) - Оркестарот на Македонската филхармонија следната недела ќе гостува во Подгорица (4 јули) и во Дубровник (6 јули). Во Подгорица концертот ќе се одржи во Музички центар на Црна Гора, а во Дубровник, оркестарот на Филхармонија ќе настапи во „Књежев двор“.  На програмата се Концертот за пијано и оркестар бр.2 од Kамиј Сен-Санс, „Пајдушко“ од македонскиот композитор Филип Иванов и Симфонија бр.4 од Лудвиг ван Бетовен, а на концертот во Дубровник ќе биде изведено и делото „Идила“ од хрватскиот композитор Благој Берса. Диригент е Борјан Цанев, а како солистка ќе настапи македонската пијанистка Марија Ѓошевска.

-По успешното гостување во Белград и Ниш, сега следува турнеја во Црна Гора и во Хрватска, каде знам дека повторно ќе се претставиме во одлично светло и ние како институција, и секако нашата држава. Гостувањето во Хрватска го реализираме на покана на Симфонискиот оркестар во Дубровник, додека во Подгорица, два дена претходно, настапуваме благодарение на несебичната поддршка на Министерството за култура на Црна Гора и амбасадорката на Црна Гора во РС Македонија, Марија Петровиќ. Од огромно значење е и ова меѓународно претставување како круна на концертната сезона која беше исполнета со голем број на успешни настани. За впечатоците потоа, а сега можам само да кажам дека сум навистина среќна што Македонската филхармонија чекори гордо по патот којшто го зацрта – вели Тина Иванова, директорка на Филхармонија. 

Добитникот на македонското признание Виртуози „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа, Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а ќе биде поканет да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис на Кралскaта оперска школа. Добитник е на наградата „Аугуст Манс“ за најдобар диригент токму на Кралскиот музички колеџ, за потоа да диригира со Лондонскиот симфониски оркестар како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис.

Марија Ѓошевска  е еден од најистакнатите пијанисти во Република Македонија. Секој нејзин нов настап ја потврдува констатацијата дека во нејзината личност македонската музичка сцена доби пијанист со врвни професионални перформанси, мунициозна виртуозност и изразита индивидуалност. Добитничка е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари од кои се издвојуваат следните награди: Прва награда на Републичките натпревари по пијано, финалист на Меѓународниот натпревар по пијано во Усти над Лабен - Чешка (1995), финалист на Меѓународниот натпревар во Сенегалија - Италија (1996), трета награда на Меѓународниот натпревар „Никола Рубинштајн“ во Париз - Франција (1997),  прва награда на натпреварот за полифонија на Факултетот за музичка уметност - Скопје (1999, 2000, 2001). Како солист и камерен музичар настапувала во САД, Англија, Франција, Австрија, Италија, Полска, Чешка, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција... мч/нд/

 

Остани поврзан