• петок, 22 ноември 2024

Концерт на Националниот џез оркестар со тапанарот Џон Рајли и диригентот Зиги Фајгл

Концерт на Националниот џез оркестар со тапанарот Џон Рајли и диригентот Зиги Фајгл

Скопје, 1 јуни 2024 (МИА) - Националниот џез оркестар вечер од 20 часот во Македонскиот народен театар ќе има концерт на кој ќе гостуваат тапанарот Џон Рајли, добитник на наградата „Греми“, и Зиги Фајгл - светски познат биг бенд диригент. 

На програмата ќе бидат композиции од оркестарот Тед Џонс/Мел Луис, оркестарот Vanguard Jazz, како и од Бади Рич биг бендот и Оркестарот Стен Кентон. Тие се создадени од повеќе композитори,  меѓу кои Тeд Џонс, Џим Мекнили, Боб Брукмаер, Бил Холман.

Националниот џез оркестар истакнува дека Џон Рајли e светски реномиран и признат изведувач, автор и учител, кој соработува со светските водечки џез музичари повеќе од 40 години. Дипломирал џез музика на Универзитетот во Северен Тексас (1975) и мастер студии на Музичката школа на Менхетен (1985), каде денес е и професор. Тој исто таке е професор и на Универзитетот Куцтаун, визитинг професор на Конзерваториумот во Амстердам и редовно држи предавања низ целиот свет.

-Четирикратен добитник на Греми-наградата, од вкупно 14 номинации, Џон има реализирано стотици снимки и настапи со Мајлс Дејвис, Дизи Гилеспи, Стен Гец, Вуди Херман, Џон Скофилд, Џо Ловано, Боб Минцер, Карнеги Хол џез бендот, џез оркестарот Вангард и многу други. Автор е на The Art of Bop Drumming, моментално објавена на пет јазици, Beyond Bop Drumming, The Jazz Drummer's Workshop и The Master Drummer, соопшти оркестарот. 

За диригентот Зиги Фајгл, пак,  наведува дека и е добро познат на нашата публика, меѓу другото и по неколкуте досегашни настапи со Националниот џез оркестар.

Фајгл е светски познат диригент на биг бенд, првенствено познат по неговиот придонес за австриската џез сцена. Водел различни биг-бендови и ансамбли, меѓу кои биг бендот во Грац, каде што е и декан и професор на Универзитетот за музика и изведувачки уметности; ХГМ биг бендот, биг бендот Суд. Работата на Фајгл во музиката за биг бенд често опфаќа широк спектар на стилови, од традиционалните свинг и џез стандарди до посовремени и експериментални композиции.

Соработувал со многу реномирани музичари и уметници, како во Австрија, така и на меѓународно ниво, меѓу кои Бил Холман, Тутс Тилеманс, Арт Фармер, Марк Марфи, Боб Брукмаер, Артуро Сандовал и други, и се стекнал со репутација за неговото вешто лидерство и иновативни аранжмани.

-Преку својата работа го покажува талентот за аранжирање и диригирање на големи музички состави. Како диригент на биг бенд, Сиги Фајгл игра витална улога во обликувањето на звукот и насоката на ансамблите што ги води, здружувајќи ги талентираните музичари за да создадат динамични и привлечни изведби. Неговата посветеност на уметничката форма и неговиот придонес во традицијата на биг бендот го зацврстија неговото место како почитувана личност во светот на џез музиката, информира Националниот џез оркестар. хс/нд/

Фото: Национален џез оркестар

 

 

Остани поврзан