Конечната одлука за спорните членови од Законот за електронски комуникации на седница на Уставен суд
- Уставниот суд денеска треба да донесе конечна одлука по предметот што се однесува на членовите 176, 177 и 178 од Законот за електронски комуникации кои овозможуваат задржување и пристап до податоци за електронска комуникација без судска одлука, а за кои подносителите на иницијативата тврдат дека не обезбедуваат доволно гаранции против злоупотреба и создаваат ризик од неограничено следење на граѓаните. Судот претходно му даде рок на Собранието од шест месеци за усогласување на законските одредби со уставните принципи.
Скопје, 9 јули 2025 (МИА) - Уставниот суд денеска треба да донесе конечна одлука по предметот што се однесува на членовите 176, 177 и 178 од Законот за електронски комуникации кои овозможуваат задржување и пристап до податоци за електронска комуникација без судска одлука, а за кои подносителите на иницијативата тврдат дека не обезбедуваат доволно гаранции против злоупотреба и создаваат ризик од неограничено следење на граѓаните. Судот претходно му даде рок на Собранието од шест месеци за усогласување на законските одредби со уставните принципи.
Согласно иницијативата, Законот за електронските комуникации пропишува обврска за телекомуникациските оператори да задржуваат податоци за електронските комуникации на сите претплатници во период од 12 месеци, без судска одлука за тоа, а член 176 став 3 од истиот закон пропишува дека операторите се должни задржаните податоци за електронските комуникации на претплатниците по барање да им ги достават на надлежните органи по услови и постапка утврдени со закон, при што и оваа одредба од Законот не предвидува постоење на судска одлука за вака задржаните податоци, поради што и членовите 176 и 178 од Законот за електронските комуникации не се во согласност со член 17 од Уставот.
Покрај оваа одлука, на дневен ред на денешната седница на Уставен суд се и осум иницијативи за оценување на уставноста и законитоста кои се однесуваат на вработување без јавен оглас во образованието, задолжителни семинари за сметководители организирани од приватни консултанти, ограничување на надоместокот на плата во здравственото осигурување, пренос на средства од солидарниот фонд кај пензионерите, старосна граница за вршење нотарска функција, одредби од Законот за градење со повратно дејство, уредбата за денационализација и правото на доказ за сопственост, детален урбанистички план во Кичево кој, според подносителот, го лишува од пристап до сопствениот дом.
Трите барања за заштита на слободи и права се поднесени од Ангелчо Бузлиев, кој тврди дека бил дискриминиран поради социјална припадност во судски постапки поврзани со одземање на имот, потоа О.М., кој бара заштита на правото на правично судење, тврдејќи дека бил осуден врз основа на противречни сведочења и едно барање поднесено преку Народниот правобранител, кој укажува на системска дискриминација на турската заедница во извршната власт, каде нема ниту еден претставник на висока функција. ар/бак/
Фото: МИА архива