Нацрт-заклучоци на Советот на министри на ЕУ за Србија и политиката на проширување
- Србија треба значително да ги забрза реформите во областа на владеењето на правото и доследно да ги спроведува усвоените закони за медиумите и единтвениот избирачки список, се нагласува во нацрт-заклучоците на Советот на министри на ЕУ за Србија и политиката на проширување, јави РТС.
Белград, 4 декември 2025 (МИА) - Србија треба значително да ги забрза реформите во областа на владеењето на правото и доследно да ги спроведува усвоените закони за медиумите и единствениот избирачки список, се нагласува во нацрт-заклучоците на Советот на министри на ЕУ за Србија и политиката на проширување, јави РТС.
Нацрт-документот потсетува на оценката на Европската комисија дека Србија е технички подготвена за отворање на преговарачкиот кластер 3 за конкуренција и инклузивен раст, но истакнува дека Советот на ЕУ ќе „се врати на таа тема“ подоцна, без да наведе кога ќе се отвори кластерот.
„Земјите-членки ќе се вратат на таа тема врз основа на дополнителниот напредок постигнат од Србија, првенствено во областите на владеењето на правото и нормализацијата на односите со Приштина, во согласност со преговарачката рамка и извештајот за напредокот за 2025 година“, се наведува во текстот, што треба да го усвојат министрите за европски прашања кон средината на месецот, а потоа и лидерите на ЕУ на самитот на 18 и 19 декември во Брисел.
Во нацрт-документот, кој би можел да се измени пред усвојувањето, ЕУ повикува на ублажување на тензиите и „длабоката поларизација“ во српското општество, жали за назадувањето во областа на слободата на изразување и медиумите и повикува на конкретни и опипливи реформи во областа на владеењето на правото.
Текстот го поздравува фактот дека европската интеграција останува стратешки интерес на Србија, но очекува Белград да го докаже тоа „со зборови и дела“ и „да покаже силна политичка волја и доследност во спроведувањето на реформите и објективно и недвосмислено да комуницира за ЕУ“.
Европските министри во своите заклучоци наведуваат дека во Србија се одржале „масовни протести“ по падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад.
Со оценка дека слободата на собирање генерално се почитува, Советот на ЕУ нагласува дека таа треба да се зајакне и дека треба да се осигура безбедност за новинарите. Во него се вели дека „извештаите за насилство и прекумерна употреба на сила за време на протестите бараат темелна и непристрасна истрага“.
Унијата ја повикува Србија да ги деескалира тензиите и да „ја надмине длабоката поларизација во општеството“ преку воспоставување услови за „инклузивен дијалог со сите заинтересирани страни, вклучително и граѓанското општество“.
Во нацрт-заклучоците се наведува „жалење за назадувањето во областа на слободата на изразување“ и се нагласува важноста на заштитата на сите фундаментални права, вклучително и слободата на медиумите и правата на малцинствата.
Србија е повикана брзо да го заврши назначувањето на членовите на Советот на REM, а од властите се очекува активно да се вклучат во борбата против сите форми на дезинформации и надворешна манипулација, како и да обезбедат вистинска поддржувачка средина за граѓанското општество, медиумите и академската слобода.
Советот на министри на ЕУ проценува дека нема напредок во областа на правосудството, додека е постигнат „ограничен“ напредок во борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Советот го поздравува усвојувањето на измените на законот за Единствениот избирачки список и ја нагласува важноста на неговата „правилна примена, пред сè преку ревизија на избирачкиот список“. Србија е „силно охрабрена“ да ги усвои сите преостанати препораки на ОДИХР и Советот на Европа за изборниот процес.
Во текстот на заклучоците за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Советот на ЕУ истакнува дека напредокот во интеграцијата во ЕУ на двете страни ќе зависи од целосното спроведување на сите обврски од Договорот за патот кон нормализација и Анексот за имплементација од Охрид, како и сите претходни договори, „без одложување и предуслови“.
„Очекуваме Србија да ги спроведе постигнатите договори почнувајќи со признавање на документи и симболи во согласност со договорот од 2023 година, како и да се воздржи од спротивставување на членството на Косово во која било меѓународна организација, во согласност со член 4 од договорот.“
Советот на министри изразува „длабока загриженост затоа што Србија не ги исполни очекувањата во врска со одговорноста за насилниот напад врз косовската полиција“ во Бањска во септември 2023 година.
Во нацрт-документот, Советот, исто така, наведува загриженост во врска со доделувањето српски пасоши на граѓаните на Русија по забрзана постапка, оценувајќи дека ова претставува потенцијална безбедносна закана за ЕУ.
Советот позитивно го оценува неодамнешното зголемување на усогласеноста на Србија со заедничката надворешна политика на ЕУ, но нагласува „силно очекување“ дека Србија побрзо да се движи кон целосно усогласување, првенствено со санкциите против Русија и Белорусија, како прашање од највисок приоритет. зш/јт/