• петок, 22 ноември 2024

Настан во НУБ „Свети Климент Охридски“ по повод Денот на македонскиот јазик

Настан во НУБ „Свети Климент Охридски“ по повод Денот на македонскиот јазик

Скопје, 5 мај 2023 (МИА) - На 5 мај 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија била усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеца, Министерството за просвета го озаконува првиот правопис на македонскиот јазик. По тој повод, денеска од 11 часот, Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ го организира настанот „Преку јазикот на Конески и Миладиновци до светот на македонската народна поезија“. Настанот ќе го отвори директорот на НУБ со пригодна реч, додека за македонскиот јазик во народната поезија ќе говори д-р Јана Михајловска, се наведува во соопштението на НУБ „Свети Климент Охридски“ - Скопје.

- Во склоп на овој свечен настан, специјално и за првпат ќе биде претставена и „Изложба на современи авторски ракописи“ од богатиот фонд на НУБ, за која ќе говори д-р Марина Мијаковска. Писателите се главните фигури коишто го збогатуваат македонскиот јазик, а преку оваа изложба ќе може да се видат ракописите на некои од нашите писателите, но и машинописи кои се одраз на едно носталгично и минато време. Посетителите ќе имаат можност да ги погледнат оригиналите на песните во ракопис: Петре М. Андреевски - „Наопачно оро“, Петар Т. Бошковски - „Гроб на вишна рида“, поемата на Томе Арсовски - „Пурпурно поле“ и машинописот на Јован Бошковски - „Солунски атентатори“, пишува во соопштението.

Како што нагласува организаторот, настанот е од отворен карактер. бд/вг/

Фото: НУБ „Свети Климент Охридски“ - Скопје

Остани поврзан