• понеделник, 23 декември 2024

Народната банка започна со редовно објавување податоци за зеленото финансирање

Народната банка започна со редовно објавување податоци за зеленото финансирање

Скопје, 18 октомври 2022 (МИА)Народната банка, на својата веб-страница, меѓу податоците и показателите за банкарскиот систем на Република Северна Македонија, почна да објавува и квартални податоци за  кредитите за зелено финансирање одобрени на домаќинствата и нефинансиските друштва. Објавувањето на овие податоци, велат од Народната банка, е една од активностите со која придонесува за создавање „зелена“ и одржлива економија.

-Народната банка досега презеде повеќе активности за зголемување на свесноста за последиците од климатските промени и за сѐ позастапена „зелена“ компонента во финансиите во македонската економија. Таканаречените „зелени кредити“ се наменети за унапредување на енергетската ефикасност на домаќинствата и на приватниот сектор, за инвестирање во зелени технологии, материјали и решенија и за инвестирање во обновливи извори на енергија, контрола и спречување на загадувањето, заштита на животната средина, како и намалување на ризиците од климатските промени, се вели во денешното соопштение.

На почетокот на 2022 година, Народната банка спроведе Анкета за ризиците од климатските промени според која 40 отсто од домашните банки и штедилници имаат воведено производи и услуги како реакција на климатските промени, додека 80 отсто од испитаниците одговориле дека размислуваат за воведување нови производи и услуги како реакција на климатските промени.

-Климатските и општествените промени, со кои се повеќе се соочуваме, оставаат видливи белези врз глобалната економија и можат да влијаат врз остварувањето на целите на централните банки. Затоа е неопходно носителите на политиките да се посветат на ублажување на потенцијалните економски последици од климатските промени. Зелената и дигиталната трансформација во иднина можат да придонесат за градењето посилни економии отпорни кон шокови, велат од Народната банка и додаваат дека предизвиците со кои сега се соочуваат економиите во светот се доказ дека треба да се бараат алтернативни решенија и да се размислува подолгорочно во однос на обезбедувањето одржливи извори на енергија и зголемувањето на производството на храна. сст/ац/

Остани поврзан