• четврток, 02 мај 2024

Над 450 натпреварувачи учествуваа на третата урбана Rotary Run трка во Кочани

Над 450 натпреварувачи учествуваа на третата урбана Rotary Run трка во Кочани

Кочани, 14 април 2024 (МИА) – Под мотото „Да креираме надеж“ денеска во Кочани се одржа третата урбана Rotary Run трка на која учествуваа над 450 натпреварувачи од целата држава, како и од соседна Бугарија, што е двојно повеќе во однос на минатата година.

Организатор на трката беше Ротари клубот Кочани – Виница, чија идеја е на овој начин да ги промовира здравите навики за живеење и да ги поттикне граѓаните од различни возрасти на спортско-рекреативни активности во постковид-периодот.

Се трчаше по улиците во централното подрчје на Кочани, на патеки со должина од 10, 5 и 2,5 километри, во машка и женска конкуренција, а имаше и рекреативна Family run категорија.

-Задоволни сме од заинтересираноста за учество на трката којашто веќе станува традиционална, а со што ја исполнуваме и основната цел за поголема масовност, со учесници од предучилишна возраст до пензионери. И покрај невообичаено високите дневни температури за овој период од годината, сѐ помина во најдобар ред и најголем дел од натпреварувачите ја истрчаа должината на патеката за која се пријавија. Радува фактот што имавме и голем број пријавени натпреварувачи во категоријата за семејно учество, во која најмладиот натпреварувач е на две ипол годишна возраст. Годинава првото место на 10 километри во женска конкуренција ѝ припадна на Теа Божиновска од АК „Скопски маратон“ од Скопје, а во машка конкуренција најбрз беше Мартин Александров Балабанов од Ротари клубот Благоевград од Бугарија, истакна Зафир Наков, претседател на Ротари клубот Кочани – Виница.

Најдобрите тројца натпреварувачи кои трчаа на патеката од 10 километри добија признанија и парични ваучери.

Христина Гиздовска во женска и Григоријан Никовски во машка конкуренција беа најдобри на патеката од пет километри, а на најкратката патека од два ипол километри победници беа Марија Велков и Николчо Костадинов, за што им беа доделени признанија.

Поддршка во организацијата на трката дадоа Локалната самоуправа на Кочани, како и дваесетина компании од регионот. та/сст/

фото: МИА

Остани поврзан