• недела, 22 декември 2024

Над 1.400 убиени делфини на Фарските Острови

Над 1.400 убиени делфини на Фарските Острови
Копенхаген, 21 септември 2021 (МИА) - Рибарите на Фарските Острови секое лето убиваат стотици делфини со бело грло, во тамошиот обичај познат како „кланица“ што жителите го бранат како вкоренета народна традиција. Тоа секогаш предизвикува осуди од светската јавност, но никогаш порано не биле убиени 1.428 делфини за еден ден, како минатава седмица. Затоа, сега првпат, властите на автономниот дански архипелаг објавија дека ќе ги разгледаат прописите за убивање на делфини. Сепак, засега не се размислува за забрана. Од месото од делфини со бело грло всушност имаат корист само тамошните рибари, но тие сега, како никогаш претходно, се загрижени дека вестите за масакрот може да ја уништат оваа традиција, оти економијата на островот, според нив е во голема мера зависна од извозот на риба, па и лосос. Ловот на делфини со бело грло, инаку, се изведува со рибарски бродови што ги опколуваат животните во полукруг, ги бркаат на брегот а рибарите таму ги колат. Така, годишно се фаќаат околу 600 делфини со бело грло на овој начин. Бранејќи ја традицијата, покрај потребата за месо, жителите на островот истакнуваат и дека областа е богата со китови, делфини и морски цицачи воопшто, и дека има повеќе од 100.000 единки - двапати повеќе од жителите на Фарските Острови. Но, критичарите посочуваат дека архипелагот веќе не може да го оправда ловот со аргументот за опстанок на заедницата. - Навредливо е што таков лов се одвива во 2021 година, во така богата заедница, на која воопшто не ѝ треба толкаво количество месо!, вели Роб Ред, раководител на организацијата за заштита на морето - „Морски пастир“. Невладините организации посочуваат и дека убивањето на овие морски цицачи прекршува неколку закони. Околните медиуми, сепак, наведуваат дека иако многу од жителите сѐ уште ја бранат „кланицата“ како традиција, веќе 53 отсто од нив се противат на овој лов и убивањето делфини. си/сд/

Остани поврзан