• недела, 22 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
10 јуни 2020 (МИА) - Ден на социјалните работници на Македонија - Ден на Военото воздухопловство и противвоздушна одбрана на Армијата на Република Македонија 1610.- Првите холандски иселеници во Америка се населиле на островот Менхетн, сега централен дел на Њујорк. 1793.- Во Париз била отворена првата јавна зоолошка градина „Жарден де плант“. 1819.- Роден е Гистав Курбе, француски сликар. Бил учесник во Париската комуна, основач и главен претставник  на реалистичката школа, еден од првите уметници кои работеле во природа. Суров и силен, ги отфрлил романтичните пејзажи и идеализирањето на луѓето и доживувањата, вршејќи огромно влијание врз целокупното европско сликарство во 19 век. Умрел на 31 декември 1877 година. 1832.- Роден е германскиот инженер Николаус Аугуст Ото, кој во 1861 годна го направил првиот мотор на бензин, а во 1876 година го измислил четиритактниот мотор со внатрешно согорување, познат како „Ото мотор“, со што го овозможил развојот на автомобилизмот. 1836.- Умрел францускиот физичар и математичар Анре Мари Ампер, основач на електродинамиката. Во негова чест единицата за мерење на силата на струјата е наречена ампер или скратено А. 1912.- Во селото Црвена Вода, Охридско е роден Ванчо Николески, македонски писател, претставник на првата повоена генерација македонски писатели за деца и младина. По ослободувањето на Македонија, Николески работел како новинар и уредник на весникот „Титов пионер“ и во детските емисии на Радио Скопје и Радио Битола. Од 1950 година, тој бил член на Друштвото на писателите на Македонија. За своето книжевно творештво, Николески бил добитник на повеќе книжевни награди, меѓу кои и наградите: „Климент Охридски“ и „Младо поколение“. Неговите дела се преведени на повеќе јазици, а тој самиот се занимавал со преведување од српски и од руски јазик. Во негова чест Друштвото на писателите на Македонија ја доделува наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади. Попознати дела: „Македонче“, „Мице“, „Школско ѕвонче“, „Четиринаесет илјади ослепени“, „Волшебното самарче“, „Гоце Делчев“, „Чуден дедо“, „Под виорното знаме“ и други. 1915.- Роден е американскиот писател Сол Белоу, добитник на Нобеловата награда за литература во 1976 година. Дела: романите „Хендерсон, крал на дождовите“, „Човек на лулашка“, „Жртва“, „Не пропуштај ден“, „Херцог“, „Планетата на господинот Семлер“, „Декановиот декември“, драмата „Последна анализа“, патописот „До Ерусалим и назад“. 1922.- Родена е американската филмска актерка и пејачка Френсис Гам, позната како Џуди Гарланд, која се прославила уште како девојче со улогата во филмот „Волшебникот од Оз“ за која добила Оскар. Останати филмови: „Бебе во војска“, „Да основаме оркестар“, „Бебе на Бродвеј“, „Малата Нели Кели“, „Сретни ме во Сент Луис“, „Часовник“, „Зигфилдовите лудории“, „Пират“, „Ѕвездата е родена“. 1934.- „Роден е Пајо Паторот“, еден од најпопуларните ликови во стриповите и анимираните филмови на американскиот цртач, филмски аниматор и продуцент Волт Дизни. 1940.- Фашистичка Италија влегла во Втората светска војна како сојузник на нацистичка Германија, објавувајќи им војна на Франција и Велика Британија. 1943.- Кај месноста Клинска Леса, Кавадаречко, во борба против бугарската војска загинал Димката Ангелов - Габерот, македонски револуционер, учител и политички комесар на Третата оперативна зона на НОВ и ПО на Македонија. Димката Ангелов бил роден во селото Ваташа, Кавадаречко, на 17 октомври 1916 година. 1945.- На командантот на западните сојузнички сили во Втората светска војна американскиот генерал Двајт Ајзенхауер му било врачено едно од најголемите советски одликувања - Орден на победата. 1949.- Во Лилехамер, Норвешка, умрела Сигрид Ундсет, норвешка писателка, истакнат антифашист. Нејзини познати дела се романите „Марта Оули“, „Срцето на Јени“, „Пролет“, зборникот на раскази „Најсреќните години“, трилогијата „Кристин Лаврансдатер“ и други. Во 1928 година ја добила Нобеловата награда за литература за мајсторството со кое ја опишува средновековната историја на скандинавските земји. Родена била во Калунбор, Данска, на 20 мај 1882 година. 1967.- Израел го прифатил барањето на Обединетите нации за прекин на огнот во војната со Египет, во која Израелците против кои се бореле и Сирија и Јордан, за само шест дена зазеле територија четирипати попространа од Израел. 1996.- Чеченските исламски сепаратисти и официјални претставници на Русија потпишале документи со кои било предвидено ставање крај на 18-месечната војна во Чеченија. 2000.- Умрел сирискиот претседател Хафез ел Асад, кој власта ја придобил со државен удар во ноември 1970 година. Бил еден од највлијателните државници на Бискиот Исток, а на местото претседател го заменил неговиот син. 2004.- Умрел американскиот музичар од афроамериканско потекло Реј Чарлс. Издал 250 албуми и одржал 10.000 концерти. Меѓународната слава ја стекнал во 1954 година со песната „Најдов жена“, а незаборавната песна „Џорџија во моите мисли“ во 1960 година го смести меѓу светските музички икони. ###  

Остани поврзан