• петок, 04 октомври 2024
На денешен ден
11 септември 2022 (МИА)   1524.- Роден е францускиот писател Пјер де Ронсар, француски писател од времето на ренесансата, водач на поетската школа „Плејада“. Главни негови збирки се „Оди“, „Химни“, „Елегии“ и други. Умрел на 27 декември 1585 година. 1830.- Прогласена е Република Еквадор како дел на конфедерацијата на Колумбија. 1823.- Во Лондон умре Давид Рикардо, англиски економист, главен претставник на англиската класична школа, приврзаник на теоријата за работната вредност. Во 1809 година го објави памфлетот „Цената на златото“. Најпознато негово дело е „Принципи на политичката економија“. Роден е во Лондон, на 19 април 1772 година. 1855.- Заврши опсадата на Севастопол, најголемата операција во кримската војна. Британците, Французите и пиемонтезите успеаја да го заземат градот кој беше клучна црноморска морска база на руската армија 1862.- Роден е американскиот писател Вилијам Сидни Портер, познат како О. Хери, творец на специфичниот жанр - кратки хумористични и малку иронични приказни со неочекуван крај. Објавил околу 600 приказни и 11 книги, повеќето за животот на жителите на Њујорк. 1883.- Роден е рускиот револуционер Григориј Јевсејевич Зиновјев, еден од првите болшевици и организатор на Октомвриската револуција во 1917 година. Тој ги предводел влијателниот Петроградски совет и Комитетот за одбрана во граѓанската војна, а од 1919 до 1926 година бил претседател на Извршниот комитет на Коминтерната. Бил стрелан во 1936 година во време на "големата чистка" која ја организирал Јосиф Сталин по убиството на Сергеј Киров кон крајот на 1934 година. 1885.- Роден е англискиот писател Дејвид Херверт Лоренс. Дела: романите „Белиот паун“, „Синови и љубовници“, „Љубовникот на леди Четерли“, „Вљубени жени“, расказите „Пруски офицер“, „Англија, моја Англија“, есеите „Студиите за класичната американска книжевност“, „Апокалипса“, песните „Љубовни и други песни“, „Аморес“, „Желки“. 1903.- На планината Плавица, Кратовско, здружените чети на македонските војводи Славчо Ковачев и Атанас Бабата водеа еднодневна борба против турската војска. Здружените чети имаа тројца загинати и еден ранет борец. 1905.- На битолскиот Ат-пазар Турците го обесија Александар Турунџиев - македонски легендарен војвода. Турците го фатија со помош на предавници и го осудија на смрт. Меѓу најзначајните негови вооружени акции е нападот на железничката станица во Врбени, Леринско, заедно со здружениот одред од 200 востаници на Ѓорѓи Поп Христов и Михаил Чаков. Роден е во селото Врбени, во 1872 година. 1917.- Роден е филипинскиот диктатор Фердинанд Едралин Маркос, кој владеел безмалку 22 години. Во Втората светска војна бил герилец во антијапонското движење за отпор, во 1959 година станал претседател на Сенатот, а од 1965 година бил избран за шеф на државата. Во почетокот бил доста популарен бидејќи го поттикнал развојот на земјоделството. Од власт е тргнат во 1986 година кога и избегал од земјата, а во 1989 година умрел како бегалец на Хаваи. 1922.- Прогласен е британски мандат врз Палестина, за што Арапите објавија ден на жалост. 1941.- Претседателот на САД Франклин Рузвелт издаде наредба до американското воено воздухопловство и до морнарицата да отворат оган врз сите бродови на силите на Оската кои ќе влезат во водите на западната хемисфера. Тоа беше конечно американско раскинување со политиката на изолационизмот. САД отворено застанаа на страната на Велика Британија и на СССР, иако стапија во војна дури по јапонскиот напад врз Перл Харбур. 1943.- На патот Кичево - Охрид НОП баталјон "Мирче Ацев" урна три моста и исече 130 столбови, а во селото Смилево, Охридско, ја запали жандармериската станица. Следниот ден баталјонот влезе во Кичево. 1944.- Струмичкиот партизански одред ја ослободи Струмица и околните села. 1944.- Ослободен е Ресен. 1944.- Сојузничките сили го зазедоа Луксембург и се пробија на германска територија. 1948.- Умре пакистанскиот државник Мохамед Али Џин, основач и прв претседател на Пакистан. Заедно со Махатма Ганди и Џавахарлал Нехру се борел за независност на индискиот потконтинент од Велика Британија, но потоа со нив дошол во судир барајќи посебна муслиманска држава. Британија во 1947 година ја призна независноста на Индија и на муслиманските држави наречени Пакистан. 1971.- Во Москва умре Никита Сергеевич Хрушчов, советски политичар и државник. На Дванаесеттиот конгрес на КПСС Хрушчов ги подложи на радикална критика методите и системот на власта на Јосиф Висарионович Сталин и со тоа отвори нов период во советската внатрешна и надворешна политика. Во 1964 година беше сменет од сите функции. Роден е на 17 април 1894 година. 1972.- Во Кичево се одржаа првите Литературни средби „Курирче“. Во почетокот беа познати како „Копачки видувања“. Тоа е манифестација на македонските писатели и на младите творци од литературата и од ликовната уметност. 1973.- Во фашистичкиот заговор што го организираа домашните и странските реакционерни сили е убиен Салвадор Алјенде, претседател на Чиле. Во опколената претседателска палата Алјенде го одби барањето на пучистите да се предаде во замена за животот. На своето последно боиште е најден мртов. Роден е во 1908 година. 1979.- Умре анголскиот државник и писател Агостињо Нето, прв претседател на Ангола, лекар по професија. Бил предводник во борбата за ослободување на земјата која успешно заврши во 1975 година. Поради борбата за независност на Ангола од 1951 година повеќе пати е затворан, а од 1962 година бил на чело на Народното движење за ослободување на Ангола. 1991.- Претседателот на СССР Михаил Горбачов го најави заминувањето на советските војници од Куба. 1995.- Илјадници демонстранти протестираа во Париз заради обновувањето на француските нуклеарни проби во јужен Пацифик. 1996.- Република Македонија и Бахреин воспоставија дипломатски односи на амбасадорско ниво. 1997.- Шкотите на референдум со мнозинство гласови го одобрија планот на британската влада за воспоставување парламент во Шкотска, првпат по безмалку 300 години. 1997.- Република Македонија стана полноправна членка на Централно и источноевропската регионална иницијатива за управување со воздушниот простор (ЦИЕРВИ). 2000.- На привремената караула Кодра Фура на македонско-југословенската граница, кон Косово, дојде до серија инциденти во кои непознати вооружени лица пукаа кон македонските граничари. 2001.- Исламски терористи во САД киднапираа четири патнички авиони и изведоа најголеми терористички напади во историјата. Двете кули на Светскиот трговски центар во Њујорк потполно беа урнати кога во нив удрија два авиони. Третиот авион со едното крило допре до зградата на Пентагон во Вашингтон, а четвртиот, после борбата меѓу патниците и киднаперите, се урна во Пенсилванија. Во нападите загинаа најмалку 2.973 лица. САД за нападите ја обвинија терористичката мрежа на Ал Каеда на саудискиот исламски терорист Осама бин Ладен. 2001.- Почина шведскиот министер за надворешни работи Ана Линд. Таа претходниот ден се здоби со повреди кога непознато лице ја нападна и избоде со нож додека пазаруваше во една стоковна куќа во центарот на Стокхолм. 2004.- Патријархот александријски и на цела Африка Петрос VII и дванаесет свештеници кои го пратеа на аџилак на Света Гора загинаа кога хеликоптерот со кои се превезуваа се урна во Егејското Море. 2007.- Во Виена умре Џо Завинул, (роденото име му е Џозеф Ерих Завинул), австриски пијанист и композитор, еден од највлијателните џез-музичари на денешнината. Тој на двапати беше учесник на „Скопскиот џез-фестивал“, во 1994 и во 1996 година. Роден е во Виена, на 7 јули 1932 година.   ###
vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан