Набавена нова механизација за депонијата Русино, инвестиција од 1,1 милион евра
- Со договорот, во вкупна вредност од 1 142 200 евра, ќе се набави комплетна механизација неопходна за модерно и безбедно управување со отпадот вклучувајќи компактор, товарач, трактор со приколка за вода, камион и резервни делови. Набавката доаѓа како директен одговор на барањето што беше упатено до министерот Меџити за време на неговата неодамнешна посета на депонијата Русино.
Скопје, 16 јули 2025 (МИА) - Министерството за животна средина и просторно планирање денеска го потпиша договорот за набавка на специјална механизација за потребите на регионалната депонија Русино, во рамки на регионалниот проект за управување со цврст отпад.
Со договорот, во вкупна вредност од 1 142 200 евра, ќе се набави комплетна механизација неопходна за модерно и безбедно управување со отпадот вклучувајќи компактор, товарач, трактор со приколка за вода, камион и резервни делови. Набавката доаѓа како директен одговор на барањето што беше упатено до министерот Меџити за време на неговата неодамнешна посета на депонијата Русино.
Финансирањето, како што информира ресорното Министерство, е обезбедено преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со дополнителна поддршка од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO), Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и Шведската влада преку СИДА (SIDA).
- Оваа набавка претставува важен чекор за воспоставување на функционален, регионален систем за управување со отпадот во Полошкиот регион. Благодарни сме за поддршката од нашите меѓународни партнери, кои со години се наш сојузник во напорите за унапредување на еколошките стандарди“, изјавил министерот за животна средина и просторно планирање и прв заменик на претседателот на Владата, Изет Меџити.
Со обезбедувањето на оваа механизација, велат од Министерство, депонијата Русино ќе може да функционира по еколошки стандарди, со што значително ќе се подобрат условите за животна средина и здравјето на граѓаните во регионот. бак/нд/
Фото: МЖСПП