• вторник, 03 декември 2024

Муцунски учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел

Муцунски учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел

Брисел, 3 декември 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска и утре ќе учествува на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО, што се одржува во седиштето на Алијансата во Брисел. 

Предвидено е на министерскиот состанок да се разговара за актуелните безбедносни предизвици на НАТО, за случувањата во јужното соседство на Алијансата, за актуелните состојби поврзани со руската агресија врз Украина, како и за досегашната имплементација на одлуките донесени на Самитот на Пактот во Вашингтон одржан во јули, годинава. 

Работниот дел од состанокот ќе започне со заседание на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на дипломатии, на кое ќе присуствува и јорданскиот Абдула Втори. Глава тема на средбата ќе бидат случувањата на Блискиот Исток и безбедносните импликации од нив по НАТО. 

На крајот на првиот ден од заседанието ќе се одржи сесија на Советот НАТО-Украина во форма на работна вечера, на која ќе учествува и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха. 

Министерскиот состанок на НАТО продолжува утре претпладне со заседание на Северноатлантскиот совет на кое, меѓу другото, ќе се разговара и за подготовките на Самитот на Алијансата што ќе се одржи следната година во Хаг. 

На маргините на собирот, предвидено е министерот Муцунски да оствари и повеќе билатерални средби со своите колеги учесници на состанокот. сп/аа/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан