• вторник, 24 декември 2024

Муцунски: Универзитетите се во ужасна состојба затоа што сме држава рекордер по најмали вложувања во науката

Муцунски: Универзитетите се во ужасна состојба затоа што сме држава рекордер по најмали вложувања во науката

Скопје, 1 ноември 2023

Оваа влада не направи ништо за студентите во нашата држава, универзитетите се во ужасна состојба затоа што сме држава рекордер по најмали вложувања во делот на науката, затоа што нашите универзитетски професори имаат најниски примања од целиот регион, да не зборуваме подалеку од регионот на Западен  Балкан. Исто и со вработените во средните училишта, исто и со вработениот во основните училишта, вработените во градинките, најслаби плати од целиот регион имаат тие луѓе, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на општина Аеродром, Тимчо Муцунски во дебатата насловена „Македонија сојузник на младите - перспектива и иднина“ што се одржа во општина Валандово во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.

„И потоа како да имаат достоинство кога тие одвај преживуваат и се на работ на општествениот стандард, а тие се луѓето кои што треба да ги едуцираат нашите најмлади, да се грижат за развојот на нашите дечиња. Млади се и родителите кои што се грижат за своите деца, кои што со години чекаат децата да добијат учебник, на кои што владата им вели треба да се дигитализира образованието, но какви алатки им дава за таква дигитализација? Тие се тие предизвици со кои што се соочуваме како општество, каде што се рушат фундаментите на семејството, каде што во образовните процеси ви се наметнуваат некои гледишта, идеолошки апстрактни кои што имаат за цел да се запрашаме какво општество сме ние? И тоа се темелите на оваа власт, да не поделат меѓу себе а никаква политика, се е на база на демагогија“, рече Муцунски.

Муцунски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која што секогаш во својата програма има вклучено мерки за младите, како што е мерката гарантирано вработување за најдобрите студенти на државните универзитети, проект кој што Унијата на млади сили го актуелизира при што ќе биде дел на идната изборна програма.

„Да знаат 500-те најдобрите студенти на јавните универзитети дека државата стои позади нив. Тие се труделе, оствариле висок просек, биле добри студенти, активно придонеле за општеството и општеството на нив ќе им возврати. Да знаат младите луѓе дека има предвидлива даночна политика во оваа држава. Секој месец се менуваат законите. Имаме хипер продукција на закони и нај продуктивниот млад човек кога сака да отвори свој бизнис не знае во каква средина го отвара тој деловен потфат. И затоа се согласувам со тоа дека младите не се иселуваат веќе само заради стандардот. Да тоа е една од причините, но гледаме многу успешни луѓе, на врвни менаџерски позиции, млади луѓе наши генерации, како секојдневно заминуваат од нашата држава и се продуктивни и се одлични граѓани, за жал, во одредени други општества многу далеку од нас“, посочи Муцунски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ како политички субјект на парламентарните избори кои што доаѓаат, во однос на проектите и во делот на даноците и во делот на вработувањата, ќе понуди предвидливост за младите, нема се да се реши преку ноќ, државата е во девастирачка состојба, но со напорна работа идната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ едно по едно ќе ги решава проблемите на младите.

 

Стојаноска: Тие што оставаа чевли пред Владата кога беа опозиција, седум години на власт ништо не направија за младите, ВМРО-ДПМНЕ во идната влада директно ќе ги вклучи во носењето политики


Јас не паметам ништо добро за младите во македонското Собрание да се случи, освен кога беа приморани, заради тоа што им беше ставен во цајт нот Законот за студентски оброк, па направија негова активација, бидејќи се доцнеше со исплата на студентскиот оброк. И нашата понуда за студентскиот оброк, која што реално беше изводлива, да се покачи наместо за 20 за 40 денари, секако беше одбиена, вели пратеничката и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска во дебатата насловена „Македонија сојузник на младите - перспектива и иднина“ што се одржа во општина Валандово во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.

„И сега веројатно поради притисокот на јавноста, на младите и поради тоа што се ближат парламентарни избори па им текнува дека ништо од ветувањата за младите немаат реализирано, па еве претходниот месец потпишаа една младинска декларација и велат дека младите ќе земат учество во изготвувањето на Законот за младинско учество. Но, сето тоа се само уште едни шарени лаги во пресрет на следните избори. Тие имаа можност седум години, тоа е повеќе од половина од претходниот мандат кога владите ги водеше ВМРО-ДПМНЕ, доволно време да докажат дека навистина беа загрижени за младите. Не се грижеа ниту за младите, ниту за возрасните, ниту за било кој граѓанин во Република Македонија истите оние кои што оставаа чевли пред владата на времето кога беа опозиција, денес се неми на многу теми, освен Европска Унија и лажни европски вредности“, истакна Стојаноска.

За да ја намалиме невработеноста, вели Стојаноска, посебно на младите, прво треба да поработиме со квалитетно образование, добивајќи квалитетни кадри.

„Ние гледаме кај нас дека, буквално, се купуваат дипломи, ние имаме титули, но немаме професионалци, а знаеме дека западот и Европа најмногу бараат професионалци, без разлика дали се работи за млади со високо или со средно образование. Младите сакаат да бидат независни и професионално да се реализираат во бизнис секторот, или пак доколку се вработат во некоја институција тие да бидат корисни за таа институција, не обратно, не сакаат да бидат зависни сакаат реално да придонесат. Но за да ги имаме тие можности, оваа влада треба да си замине, затоа што никакви можности не направи за никого“, рече Стојаноска.

Во однос на тоа што треба идната влада на ВМРО-ДПМНЕ преку инклузивна политика да ги вклучи сите различни аспирации кои што младите луѓе ги имаат, се со цел да се обезбеди намалување на иселување и ладите да гледаат просперитет во Македонија, Стојаноска истакна дека тоа може да се направи со директно вклучување на младите во носењето политики и истите да не ги користиме само како надзор, како што е Законот за младинско учество, или советодавно.

„Нема тема во општеството од која што не се засегнати младите, без разлика дали е тоа образование, спорт, туризам, култура, здравство или социјални политики, нема област. Од 38 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, 20 доаѓаат од структурите на Унијата на млади сили. Тоа за мене е доволен доказ дека ВМРО-ДПМНЕ не посветува внимание на младите само со тоа што ја формирало УМС, со тоа што го зголемува бројот на активисти и членови и така натаму, туку ВМРО-ДПМНЕ, на дело докажува дека и тоа како дава можност, дава доверба на луѓе кои што започнале од УМС како пратеници, градоначалници и така натаму“, посочи пратеничката Стојаноска.

Попов: СДСМ создаде апатија и незадоволство кај младите, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја врати енергијата и креира мерки и проекти за млади

На денешната трибина „Македонија сојузник на младите - перспектива и иднина“ во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“ во Валандово свое обраќање имаше претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ Сергеј Попов, кој што истакна дека СДСМ ветуваше многу но не исполни ништо и создаде апатија и незадоволство кај младите а ВМРО-ДПМНЕ ќе ја врати енергијата и креира многу проекти и мерките за млади како ослободувањето од данок за компаниите кои ќе вработат младо лице, 0 % данок за фриленсери, изградба и реконструкција на студентските домови, нови студентски домови, подобрување на условите во основното и средното образование.

„Можам да констатирам дека апсолвирана тема во Македонија е дека младите немаат партнер во државата, дека државата Македонија не е мајка за своите млади луѓе туку мажеа и природно и следствено на тоа младите луѓе не чувствувајќи партнер во државата, гледајќи дека државата не им го чува грбот, не вложува во нив во се поголем број се одлучуваат да ја напуштат. СДСМ ги излажа сите категории на граѓани во Македонија и младите и земјоделците и млекарите и лекарите буквално сите но зошто е страшно начинот на кои беа излажани пред 6, 7 години наназад СДСМ јаваше на незадоволството на младите па веројатно и логично им се виде во тоа време многу  и да им ветат на истите“ нагласи Попов.
Попов додаде и дека СДСМ ветуваше многу но не исполни ништо и создаде апатија и незадоволство кај младите но ВМРО-ДПМНЕ ќе ја врати енергијата и ќе креира мерки и проекти за млади.
„СДСМ не исполнија ништо и со тоа предизвикаа апатија кај младите луѓе а со тоа младите луѓе да чувствувааат одбивност и незаинтересираност кон политиката и политичкиот активизам. Сето тоа како УМС на ВМРО-ДПМНЕ изминатите 6 години се трудиме да го промениме и да ја вратиме енергијата и сметаме дека ја враќаме бидејќи се поголем број на млади луѓе се одлучуваат да пристапат кон унијата на млади сили. СДСМ не се партнер на младите луѓе ветија студентски град не исполнија ништо и токму затоа најголемиот удар оваа власт ќе го доживеат токму од младите. Мислам дека она што ги брка младите од Македонија е ненормалностите во македонското општество, целосната неправда која што ја чувствуваат во секој еден дел од живеењето. Основна работа која ќе треба да ја направиме како влада освен мерките за млади како ослободувањето од данок за компаниите кои ќе вработат младо лице, 0 % данок за фриленсери, изградба и реконструкција на студентските домови, нови студентски домови, подобрување на условите во основното и средното образование е младите луѓе да се разбудат во една нормална држава“ истакна Попов.

 

Фото:ВМРО-ДПМНЕ

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан