• четврток, 19 декември 2024

Муртезани: Секое решение кое ќе го обезбеди процесот на пристапување на земјата во ЕУ, за нас ќе биде прифатливо

Муртезани: Секое решение кое ќе го обезбеди процесот на пристапување на земјата во ЕУ, за нас ќе биде прифатливо

Скопје, 2 декември 2024 (МИА) - Нашето инсистирање не е на конкретно решение, туку на дебилатеризација на понатамошниот процес на пристапување во ЕУ. Секое решение коешто ние ќе сметаме дека го обезбедува процесот на пристапување на земјата во ЕУ, за нас ќе биде прифатливо, вели министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Орхан Муртезани.

-Дека преговарачката рамка не може да се смени, тоа сме го знаеле и порано. Истото неколкупати е повторено на сите високи средби во Брисел и пошироко. Нашето инсистирање не е на конкретно решение, туку на дебилатеризација на понтамошниот процес на пристапување во ЕУ. Секое решение коешто ние ќе сметаме дека го обезбедува процесот на пристапување на земјата во ЕУ, за нас ќе биде прифатливо. Тие решенија што значат точно, кои се техникалиите, формулациите итн. тоа останува да се решава низ процес на преговори. Меѓутоа нашата позиција е да се заштитиме од понатамошни блокади, кажа Муртезани прашан која е тактиката или планот на Владата по пораките од Брисел дека уставни измени со одложено дејство се незамисливо сценарио исто како и промената на преговарачката рамка за земјава.

Прашан дали ова значи дека се бара форма на гаранции кои би се добиле од страна на Бугарија дека нема понатаму да се отвараат билатерални прашања во рамки на евроинтегративниот процес, тој потенцира дека фокусот е на тоа да се обезбеди финализација на тој процес.

-Дали ќе бидат гаранциите од страна на соседна Бугарија од некоја институција или ние тоа ќе го направиме билатерално, или која ќе биде формата, не е толку битно, колку што е суштината. Ние, како земја, и како Влада да бидеме сигурни дека овој процес ќе заврши, појаснува министерот Муртезани.

Прашан за тоа дали се планираат некакви средби во идниот период со буграското раководство, по пораката од Брисел дека земјата не треба да чека туку интензивно да отпочне разговори со техничката влада на Бугарија со оглед дека во Софија имаат единствен став во однос на прашањето околу уставните измени, како услов за деблокада на нашата евроинтеграција, Муртезани одгвоори потврдно.

-Секако да. Јас лично како министер неколку пати сум изразил подготвеност да ја посетам Софија. Мислам дека сепак подобро е да почекаме уште малку да се исцрпат сите можности. Иако не изгледа лесно дека ќе се стигне до формирање нова влада, мислам дека не се исцрпени сите можности, оти во неколку наврати ни беше кажано и знаеме дека техничката влада од другата страна нема да се нафати ни за добрососедски дијалог, а камо ли за решавање на покомплексни проблеми.

Тој смета дека евентуалната имплементација на некои од 14-те пресуди од Стразбур кои Бугарија треба да ги спроведе би значело чекор напред кон постигнување решение.

-Тие се пресуди од меѓународно призната институција и сметаме дека секако, тоа би бил недоволен, меѓутоа мал чекор кој би водел до заеднички договор, вели министерот Муртезани пред обраќањето на денешната панел дискусија „Зајакната соработка во процесот на ЕУ интеграција преку Реформската агенда“ организирана од ЕПИ во соработка со Министерството за европски прашања. вг/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан