• недела, 22 декември 2024

МП: Стапуваат во сила меѓународната спогодба за размена на податоци за проверка на изјави за имотна состојба и Конвенцијата на Советот на Европа за пристап до официјални документи

МП: Стапуваат во сила меѓународната спогодба за размена на податоци за проверка на изјави за имотна состојба и Конвенцијата на Советот на Европа за пристап до официјални документи

Скопје, 23 август 2024 (МИА) - Министерството за правда информира дека стапуваат во сила Меѓународната спогодба за размена на податоци за проверка на изјави за имотна состојба, која претставува значаен меѓународен инструмент кој на органите на државите-страни им овозможува соработка за директна административна размена на податоци и информации за проверка на изјавите за имотна состојба и интереси, како и на Конвенцијата на Советот на Европа за пристап до официјални документи, која го признава секому правото на пристап до официјалните документи што ги поседуваат јавните власти без дискриминација.

Спогодбата и Конвенција се ратификувани во Собранието на 13 август 2024 година.

Со примената на меѓународната спогодба, како што информираат од Министерството за правда, ќе се направи значаен исчекор во олеснување на примената на постојните законски решенија за проверка на имотната состојба и интересите во согласност со Законот за спречување корупцијата и судирот на интереси.

- За вршење на своите надлежности, вклучително и за проверка на изјавите за имотната состојба и интересите, Државната комисија за спречување на корупцијата пристапува до бази на податоци кои се водат во други органи и институции. Исто така, со Законот утврдена е надлежност на ДКСК да соработува со национални тела на други држави, како и со меѓународни организации на полето на спречување на корупцијата,  да разменува информации со надлежни тела на други држави и меѓународни организации, врз основа на обврски преземени со ратификувани меѓународни договори, нагласуваат од МП.

Примената на спогодбата, посочуваат од Правда, ќе придонесе за унапредување  на механизмите за превенција и борба против корупцијата  во согласност со  меѓународните стандарди за заштита на податоци кои ги утврдуваат ограничувањата на прекуграничната размена на податоците, како и со судската пракса на Европскиот суд за човекови права која покажува оправданост на објавувањето на податоците за имотна состојба и интересите, имајќи го предвид легитимниот интерес на општата јавност за информираност во однос на финансиската состојба на функционерите.

Предлогот за поведување на постапка за пристапување кон ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за пристап до официјални документи кореспондира со стратешката определба на Владата на Република Северна Македонија за почитување на човековите права и спроведување на меѓународно преземените обврски.

Од МП, исто така, нагласуваат дека конвенцијата на Совет на Европа за пристап до официјални документи позната како “Тромсо” е усвоена од Комитетот на министри на 27 Ноември 2008година. Таа е првиот обврзувачки меѓународен правен инструмент кој го признава секому правото на пристап до официјалните документи што ги поседуваат јавните власти без дискриминација и без оглед на статусот или мотивите на барателот да бара пристап. Смета дека сите официјални документи во принцип се јавни  обезбедувајќи минимална правна рамка за брза и правична обработка на барањата за пристап до официјални документи. аа/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан