• петок, 05 декември 2025

Моди му посака добредојде на Путин во Индија

Моди му посака добредојде на Путин во Индија

Њу Делхи, 4 декември 2025 (МИА) – Индискиот премиер Нарендра Моди денеска на платформата Икс напиша дека е „задоволен што може да му посака добредојде на својот пријател, претседателот Владимир Путин“, кој пристигна во дводневна државна посета на Индија.

Моди го пречека Путин со топли поздрави и објави фотографија од заедничката тура со автомобил, на која двајцата лидери се насмевнати.

„Долгогодишното и проверено пријателство меѓу Индија и Русија донесе значителни придобивки за нашите народи“, напиша индискиот премиер.

Како што пренесе францускиот весник Монд, Индија досега избегнуваше јавно да ја осуди руската инвазија врз Украина, притоа одржувајќи избалансирани односи со Европа и САД. Моди ретко јавно му се спротивставувал на Путин за ова прашање, со исклучок на средбата во Узбекистан во 2022 година, кога побара завршување на војната „што е можно побрзо“.

Оттогаш, индискиот премиер повеќепати ја нагласува својата посветеност кон „мултиполарниот светски поредок“ и се спротивставува на западните повици да се дистанцира од Русија.

Моди и Путин денеска имаат неформална средба, а сите официјални протоколарни настани од државната посета ќе започнат дури утре. Како што потенцира помошникот на претседателот, Јуриј Ушаков, овој разговор може да се смета за клучен настан на посетата, бидејќи на вакви неформални средби се разговара за најважните прашања.

- Соработката во енергетскиот сектор со Индија не е засегната од тековните услови, краткотрајните политички промени или настаните во Украина, изјави Путин во интервју за телевизијата „Индија тудеј“. Тој додаде дека „одредени играчи“ не ја сакаат растечката улога на Индија на меѓународните пазари поради нејзините врски со Русија.

Путин се осврна и на трговијата со нафта. - Ако САД имаат право да го купуваат нашето гориво, зошто Индија да ја нема истата привилегија?, праша рускиот лидер.

- Во врска со тоа како би реагирал (Доналд) Трамп: ниту јас, ниту Моди, и покрај надворешниот притисок, не сме пристапиле кон соработката со намера да работиме против некого. Претседателот Трамп има своја агенда, свои цели, а ние се фокусираме на нашите, истакна рускиот претседател.

Исто така, Индија во 2028 година ќе добие руска подморница под наем, во рамки на договорот потпишан во 2019 година, соопшти информативното биро на индиската влада. Ова ја демантира информацијата на „Блумберг“ дека за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Индија, страните ќе склучат нов договор според кој Њу Делхи ќе плати околу две милијарди долари за лизинг на руска нуклеарна подморница.

„Меѓу Индија и Русија не е потпишан нов договор. Лизингот на подморницата се базира на стариот договор, потпишан во март 2019 година“, посочи владиното информативно биро.

Според индиските медиуми, вредноста на договорот од 2019 година е 3,3 милијарди долари. Според првичното соопштение, подморницата од проектот 971 „Штука-Б“ (класа „Акула“ според класификацијата на НАТО) требаше да биде предадена на индиските Воено-поморски сили (ВМС) во 2025 година на рок од 10 години, но има задоцнување и тоа ќе се случи во 2028 година. ссм/ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан