• четврток, 04 јули 2024

МНР на Индија и Кина се договорија за брзо решавање на граничните спорови

МНР на Индија и Кина се договорија за брзо решавање на граничните спорови

Астана, 4 јули 2024 (МИА) – Министерот за надворешни работи на Индија Субрахмањам Џаишанкар денеска разговараше за граничните спорови меѓу двете земји со неговиот кинески колега Ванг Ји, при што двајцата се согласија дека треба да се одржат повеќе разговори за решавање на споровите, соопшти индиското МНР.

Индија и Кина делат долга хималајска граница, од која голем дел не е добро разграничена, а односите меѓу двете земји се влошија по воениот судир во јули 2020 година во кој загинаа најмалку 20 индиски и четворица кинески војници.

Двајцата министри разговараа на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка во Астана.

Тие се согласија да ги интензивираат состаноците меѓу дипломатските и воените претставници на Индија и Кина „за да се решат отворените прашања во најкус можен рок“, се вели во соопштението.

Од 2020 година, двете нуклеарни сили ги зајакнаа позициите и распоредија дополнителни трупи и опрема долж границата додека тензиите меѓу нив тлееа со децении по крвавата гранична војна во 1962 година.

Двете земји сè уште одржуваат дијалог преку воени и дипломатски канали. јт/

Фото: Х

Остани поврзан