• недела, 22 декември 2024

Млади од летниот камп по веронаука на ААПЦ во посета на божјите храмови во Пустец

Млади од летниот камп по веронаука на ААПЦ во посета на божјите храмови во Пустец

Пустец, 27 јули 2024 (МИА) - Триесеттина млади, посетители на летниот камп по веронаука за девојчиња, денеска беа во посета на парохијата во Пустец.

- Посебна чест и задоволство беше да ги пречекаме овие млади луѓе кои ги запознав со историјатот на нашите цркви. Ја посетија црквата „Свети Архангел и Михаил" која се наоѓа во центарот на Пустец, пештерската црква „Света Богородица" на островот Мал Град, која е позната по својата уникатност,  како и познатиот манастир „Света Марена" во Туминец, изјави за МИА, отец АлексоТемелко.

Додава дека по нивна желба и барање одржал и куса богослужба на македонски јазик, како што тоа редовно го прави на богослужби во сите цркви во општина Пустец.

- Мило ми беше што младите го посакаа тоа токму во пештерската црква „Света Богородица“, која со својот фрескоживопис отскокнува од другите пештерски цркви расфрлани по бреговите на Преспанското и Охридското Езеро, посочи отец Темелко.

Според него, а тоа им го кажал и на, како што вели „овие драги гости" врз основа на записите сочувани на неа, оваа црква претрпела три измени. 

-Во првиот  пишува дека основач на црквата е Бојко со жена му Евдокија во 1345 година. Во вториот запис, пишува дека црквата е возобновена во 1369 година од Кесар Новак, неговата жена Кали, неговиот син Амирал и неговата ќерка Марија. А, третиот датира во 1607 година, кога е насликана надворешната западна фасада. Внатрешноста на црквата е целосно живописна и е доста позната по ѕидните фрески од византискиот палеолошки стил, објасни отецот.

Инаку, во црквата „Успение на Пресвета Богородица" во Бобоштица, ова лето се одржува третиот по ред летен камп по веронаука.

Го следат млади од сите делови на Албанија а се одржува со благослов на поглаварот на албанската афтокефална православна црква, архиепископ Анастас а со поддршка на  митрополитот Јоан, на митрополија во Корча. вт/дма/


Фото: ААПЦ ФБ

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан