• недела, 22 декември 2024

Млади од ИТ секторот од Куманово, Суботица и Никшиќ разменија идеи за развој на компаниите

Млади од ИТ секторот од Куманово, Суботица и Никшиќ разменија идеи за развој на компаниите

Куманово, 26 април 2024 (МИА) - Млади од ИТ секторот од Куманово, Суботица и Никшиќ, претставници од општините и граѓански здруженија учествуваа на регионален панел и обука за развивање на ИКТ и претприемачки вештини во Суботица, информираа денеска од Граѓански Центар „Активум“ од Куманово.

Минатата недела во Суботица се одржа регионален тематски панел „Вработувањето на младите е на дневен ред – предизвици и перспективи на локалните самоуправи.“ Панелот, како што информираат организаторите, е воведна конференција на проектот „Урбаната култура ги поврзува младите од Западен Балкан“ и е во организација на Центарот за локална демократија од Суботица, Агенцијата за локална демократија од Никшиќ и Граѓански Центар Активум од Куманово.

Панелот ги собра претставниците на локалните самоуправи, бизнис секторот, образовните институции, граѓанските организации и локалните медиуми од Суботица, Никшиќ и Куманово. Локалните развојни стратегии, младински политики, вработување и отворање нови работни места за младите беа главна тема на регионалната размена и дискусија.

-Одлична можност да ги поврземе младите од ИТ секторот регионално, и можност да им овозможиме на младите во ИТ секторот да стекнат, споделат идеи и проблеми со кои се соочуваат во своите општини, изјави службеникот за млади во општина Куманово Мартин Крстиќ.

Во продолжение на посетата во Суботица, групата млади луѓе разговараа и се едуцираа како да станат успешни ИКТ претприемачи, да основаат и водат мал бизнис, да ги усовршат бизнис идеите и модели во рамки на обуката која се одржа во ИТ кластерот во Суботица. Учесниците имаа можност да се запознаат и со работата на ИТ компанијата „Digital Hive“ која функционира во рамки на кластерот.

-Направивме споредба на моменталната состојба во која се наоѓа ИТ секторот во општините од аспект на предности, недостатоци и ризици. Имаше дискусии преку практични примери за начините на премостување на проблемите, но и практична обука за користење алатки за опишување, анализа и дизајн на бизнис модели. Стекнавме и практични знаења како да ги валидираме идеите пред отпочнување на бизнисот. Вмрежувањето помеѓу компаниите и младите идни претприемачи од трите општини беше од огромно значење за учесниците. Би било убаво да видиме и проекти преку коишто младите претприемачи ќе добијат ментор којшто подолг временски период ќе ги помага, се со цел да имаме што повеќе успешни локални бизниси кои ќе имаат глобално влијание. Се надевам дека во иднина ќе има повеќе проекти од овој тип преку коишто заедно ќе влијаеме на подобрување на состојбата во различни сфери во нашето општество, изјави Владимир Митевски од Куманово, учесник на обуката.

Целта на проектот „Урбаната култура ги поврзува младите од Западен Балкан“ е да се поттикне младинската мобилност и учество во регионалната соработка и размена како алатка за развој на професионалните вештини, професионална обука и економско зајакнување на младите во Суботица, Никшиќ и Куманово.

-Посебен акцент е ставен на унапредување на знаењата и претприемачките вештини на младите за развој на стартап компании во ИКТ секторот, популаризација на иновации, промоција на различни културни активности и размена на добри локални практики во трите града, изјави Марија Тошева од „Активум“.

„Урбаната култура ги поврзува младите од Западен Балкан“ е заеднички проект на Центарот за локална демократија од Суботица, Агенцијата за локална демократија од Никшиќ и Граѓанскиот Центар Активум од Куманово. Проектот е поддржан од Регионалната Програма за Локална Демократија на Западен Балкан 2 – ReLOaD2, финансирана од Европската Унија (EU), и спроведувана од Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP). ам/мд/

Фото: „Активум“ 

Остани поврзан