• четврток, 25 април 2024

Мишел: ЕУ ќе воведе санкции кон иранските производители на дронови и проектили  

Мишел: ЕУ ќе воведе санкции кон иранските производители на дронови и проектили  

Брисел, 18 април 2024 (МИА) - Лидерите на членките на Унијата вечерва има добра дебата за состојбата на Блискиот Исток и се усогласија за осуда на нападот на Иран врз Израел и за воведување санкции кон иранските компании поврзани со развој и производство на дронови и проектили, изјави ноќва претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел по завршувањето на првиот ден од дводневниот Специјален самит на Унијата што се одржува во Брисел.  

- Со тоа сакаме да упатиме јасна порака. Се заложивме за изолација на Иран, заедно со земјите од регионот, за да го поддржиме мировниот процес. Без сомнеж ја поддржуваме безбедноста на Израел и заедно со земјите во регионот ќе се обидеме да избегнеме натамошна ескалација на насилството, истакна Мишел. 

Според Мишел, Иран претставува закана за целиот регион не само за Израел, па затоа е многу важно со регионалните партнери ЕУ да обезбеди негова целосна изолација. 

- Сакаме да направиме се за да ги заштитите цивилите. Животот на секој цивил е важен. Повикавме на ослободување на заложниците, итно прогласување прекин на огнот и хуманитарен пристап до луѓето на кои им е потребна помош во Газа, рече претседателот на Советот на ЕУ, додавајќи дека лидерите ја реафирмирале и поддршка за мировно решение на израелско-палестинскиот конфликт преку моделот на две држави. 

На средбата станало збор и за случувањата во Либан, кој, како што рече Мишел, се соочува со многу предизвици и со голем број бегалци од Сирија, и е решено да се разговара со либанските власти за начините како ЕУ може да и помогне не земјата, вклучително и на либанските вооружени сили. 

Во однос на дебатата за стратешкото партнерство на ЕУ со Турција, Мишел истакна дека лидерите ја искажале својот определба за изградба на стабилни односи со земјата. 

- Сакаме да соработуваме на база на фазен, пропорционален и реверзибилен пристап. Во тој дел особено e важна и состојбата на Кипар, пред се процесот на ОН за решавање на кипарското прашање, рече Мишел. 

Мишел информира и дека лидерите на ЕУ имале и видео конференциски состанок со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој им порачал дека на Украина итно и е потребна противвоздушна одбрана и муниција и побарал од нив да ги убедат САД да и достават поголема помош на земјата. 

Во разговорот станало збор и за украинската мировна формула, во светлина на претстојната средба во јуни во организација на Швајцарија, на која ќе се направи обид за координација на ставовите на ЕУ со партнерите од меѓународната заедница за изнаоѓање мировно решение.

- По сите овие прашање од меѓународните односи уште еднаш покажавме дека сме единствени додаде Мишел. сп/

Фото: ЕБС

Остани поврзан