Мицотакис ја предводи грчката делегација на Генералното собрание на ОН
- Премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис од денеска е во Њујорк, каде што ја предводи грчката делегација на Генералното собрание на Обединетите нации, а предвидено е да оствари низа средби, меѓу кои и со турскиот претседател, а в петок ќе се обрати на генералната дебата, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 22 септември 2025 (МИА) – Премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис од денеска е во Њујорк, каде што ја предводи грчката делегација на Генералното собрание на Обединетите нации, а предвидено е да оствари низа средби, меѓу кои и со турскиот претседател, а в петок ќе се обрати на генералната дебата, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчки владини извори, во говорот, Мицотакис ќе се осврне на меѓународните и регионалните геополитичките случувања, на позицијата на Грција како столб на стабилност во неа, како и на предизвиците и ризиците од Украина до Блискиот Исток.
Истиот ден ќе се сретне со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, додека пак за утре е закажана средбата со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, но и учество на приемот организиран од американскиот претседател Доналд Трамп во чест на лидерите кои присуствуваат на Генералното собрание.
Паралелно, во следните денови планирано е да се сретне и со претседателите на Кипар, Азербејџан, Јемен, со преодниот претседател на Сирија, како и со престолонаследникот на Кувајт, како и учество на настани во рамките на Генералното собрание.
Истите извори информираат дека во фокусот на посетата на грчкиот премиер ќе бидат и инвестициите и за таа цел ќе има средби со голем број инвеститори, како и со претставници на големи компании од енергетскиот, одбранбениот и фармацевтскиот сектор, а Мицотакис ќе ги презентира инвестициските перспективи на грчката економија.
На Генералното собрание ќе присуствува и министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, кој ќе има низа средби и контакти на високо ниво со негови колеги од Европа, Блискиот Исток, Азија, Африка, Централна и Латинска Америка.
Како што соопштија од грчкото МНР, во фокусот на средбите и контактите на министерот за надворешни работи ќе биде војната во Украина, кризата на Блискиот Исток, случувањата во Субсахарска Африка, како и актуелните глобални предизвици.
Герапетритис планирано е да учествува на трилатерални средби на министрите за надворешни работи на Грција-Кипар-Египет, Грција-Кипар-Јордан и Грција-Кипар-Сирија, како и на состанокот за соработка Грција-Романија-Бугарија-Хрватска.
Министерот за надворешни работи ќе присуствува и на трансатлантската вечера што ја организира државниот секретар на САД Марко Рубио. ср/сд/