Мицотакис ги одреди новите министри по вчерашните оставки во грчката Влада
- Досегашниот портпарол на пратеничката група на Нова демократија и поранешен министер за здравство Танос Плеврис е новиот министер за миграција и азил на Грција, додека пак поранешниот министер за туризам Харис Теохарис ќе биде заменик шеф на грчката дипломатија, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 28 јуни 2025 (МИА) – Досегашниот портпарол на пратеничката група на Нова демократија и поранешен министер за здравство Танос Плеврис е новиот министер за миграција и азил на Грција, додека пак поранешниот министер за туризам Харис Теохарис ќе биде заменик шеф на грчката дипломатија, јави дописничката на МИА од Атина.
По вчерашните оставки на една министерска и три заменик-министерски функции во грчката Влада поради скандалот со европските земјоделски субвенции, владиниот портпарол Павлос Маринакис попладнево ги соопшти новите министри.
- Со одлука на премиерот Киријакос Мицотакис, Танос Плеврис ја презема функцијата министер за миграција и азил. Паралелно, Харис Теохарис ја презема функцијата заменик-министер за надворешни работи, Јанис Андрианос функцијата заменик-министер за земјоделски развој и храна, а Христос Дерменѕопулос функцијата заменик-министер за дигитално управување, соопшти портпаролот на грчката Влада.
Новиот министер за миграција и азил, исто како и неговиот претходник Макис Воридис пред да се приклучат кон Нова демократија во 2012 година беа дел од радикално десничарската партија ЛАОС.

Плеврис досега беше портпарол на пратеничката група на Нова демократија, а во периодот 2021-2023 беше министер за здравство.
Харис Теохарис, кој ќе биде заменик-министер за надворешни работи надлежен за економска дипломатија и екстровертност, во периодот 2019-2021 година беше министер за туризам на Грција, од јуни 2023 до јуни 2024 година беше заменик-министер за национална економија и финансии.

Новиот министер и новите заменик-министри в понеделник наутро ќе положат свечена заклетва пред претседателот на Грција Константинос Тасулас, а потоа ќе се одржи и владина седница.
Како што вчера објави МИА, министерот за миграција и азил на Грција, тројца заменици-министри меѓу кои и оној за надворешни работи и еден генерален секретар во грчката Влада денеска си поднесоа оставки поради скандалот со Агенцијата за управување со субвенциите од ЕУ, меѓу кои и земјоделска помош во Грција (ОПЕКЕПЕ).
Во предметот за ОПЕКЕПЕ што од европскиот обвинител беше доставен со Парламентот, според грчките медиуми, вклучени се и министри од Владата.
Поранешниот министер за миграција и азил Макис Воридис во периодот од јули 2019 до јануари 2021 година беше министер за земјоделство на Грција.
Пред два месеци, по големата истрага за измама што ја спроведува европското обвинителство, грчката Влада одлучи Агенцијата за управување со субвенциите од ЕУ, меѓу кои и земјоделска помош во Грција (ОПЕКЕПЕ) да се укине, а функции да бидат префрлени во Независната управа за јавни приходи (ААДЕ).
На средината на мај Европскиот јавен обвинител придружувани од 20 службеници од антикорупциската единица на грчката полиција, спровеле инспекција во седиштето на ОПЕКЕПЕ, при што била откриена широко распространета шема со фиктивни тврдења за пасишта користени за измамничко добивање земјоделски средства од ЕУ. ср/
Фото: Архива МИА