Мицкоски: Оската Филипче-Ахмети-Апасиев ја влече Македонија назад
- - Со месеци го трујат јавниот простор со лаги, етикети и деструкција, создавајќи атмосфера во која политиката се сведува на пазарење со омраза, а не на натпревар на идеи. Едниот претседателот на СДСМ, Венко Филипче наместо да зборува за својата одговорност во здравството, секоја вечер од говорницата се претвара во гласен критичар, без аргументи, како коментатор од трибина, кој повеќе навива, отколку што нуди било какво решение. Вториот, претседателот на ДУИ, Али Ахмети упорно живее во своите спомени. Држи историски лекции, говори за минатото додека сегашноста и иднината му се полни со криминал и корупција, за третиот Димче Апасиев со својата вулгарна реторика и стил само ја надополнува оваа мрачна тријада, оска на минатото што ја влече Македонија назад, рече Мицкоски.
Штип, 12 октомври 2025 (МИА) – Оваа глетка, којашто вечерва е пред мене е импресивна и од она што можам да го видам овде во Штип имам само еден заклучок - Иван го продолжува својот мандат како градоначалник во Штип, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митнгот во Штип, каде што беа промовирани кандидатот за градоначалник Иван Јорданов и советничката листа.
Тој посочи дека повторно сме пред избори на коишто се одлучува за заедничката иднина.
- А, вие добро знаете да направите разлика меѓу оние кои со трикови, измами и подземни коалиции сакаат да ја добијат вашата доверба и ние коишто постојано сме со вас. Никогаш не ве излажавме, единствено цврсто, шо може да ви ветиме е само посветена работа. Навистина ми е жал што црната кампања стана единствената понуда на нашите политички противници, вели Мицкоски.
Тој додаде дека опозицијата наместо да даде идеи, нуди омраза, наместо визија нуди поделби, наместо конкретни решенија нуди навреди и закани.
- Со месеци го трујат јавниот простор со лаги, етикети и деструкција, создавајќи атмосфера во која политиката се сведува на пазарење со омраза, а не на натпревар на идеи. Едниот претседателот на СДСМ, Венко Филипче наместо да зборува за својата одговорност во здравството, секоја вечер од говорницата се претвара во гласен критичар, без аргументи, како коментатор од трибина, кој повеќе навива, отколку што нуди било какво решение. Вториот, претседателот на ДУИ, Али Ахмети упорно живее во своите спомени. Држи историски лекции, говори за минатото додека сегашноста и иднината му се полни со криминал и корупција, за третиот Димче Апасиев со својата вулгарна реторика и стил само ја надополнува оваа мрачна тријада, оска на минатото што ја влече Македонија назад, рече Мицкоски.
Посочи дека овие тројца политички пријатели и актери не нудат надеж, иднина и дека имаат било каков план. Тој се осврна и на проектите што се реализираа, како и на помошта што централната власт им ја дава на општините.
Кандидатот за градоначалник кој е и актуелен градоначалник Иван Јорданов рече дека е преубаво чувството за преполниот плоштад, од каде на секои избори се испраќаат пораки и енергија.
- Вечерва енергијата е поразлична, поинаква од досега. Затоа што се чувствува поддршката на локалната самоупарва. Никогаш досега овој плоштад не бил полн од граѓаните, за да дадат поддршка на една иста локална власт и многумина од вас се прашуваат, зошто досега никогаш во минатото една иста локална власт не добила последователна поддршка на изборите? Одговорот е многу јасен и краток, граѓаните се секогаш во право. Овој пат граѓаните се во право правејќи го вистинскиот избор, давајќи своја поддршка и испраќајќи силна мотивација до локалната самоуправа да продолжи со развојот на Штип, вели Јорданов.

Тој се заблагодари на граѓаните кои во изминатите години биле силна мотивација за реализација на голем број проекти, дури и кога имало кочење од претходната централна власт.
- Вие бевте најсилната поддршка и мотивација за да ги реализираме проектите. Вие бевте тие кои секогаш со вашето присуство ги демантиравте лагите, измислиците, кочниците, коишто некој смислено ги правеше за кочење на развојот на нашиот град. Вие ќе бидете нашата најсилна мотивација и во наредните четири години, рече Јорданов.
Ја побара поддршка за нов мандат за градоначалник, но и за советничката листа на ВМРО ДПМНЕ, со цел да има стабилна локална власт, која ќе продолжи со реализација на започнатите, но и на нови капитални проекти.
Членот на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ и пратеникот во македонското Собрание, Драган Ковачки рече дека митингот од Штип покажува дека градоначалникот Иван Јорданов со сигурност го добива вториот мандат.
- Штип се менува пред нашите очи, се градат и реконструираат улици и патишта што ги поврзуваат нашите заедници и го олеснуваат секојдневниот живот на нашите граѓани . Се подобруваат условите во училиштата за нашите деца да имаат современо и безбедно образование во средина, што ги поттикнува да учат и напредуваат, се создаваат нови јавни површини и паркови, каде што граѓаните можат да се собираат, да се дружат и да уживаат во природата, рече Ковачки.
Додаде дека е потребна стабилност на локалната власт и Совет кој ќе биде мотор и партнер на градоначалник“. вдј/бак/
Фото: МИА