• недела, 22 декември 2024

Мицкоски: Има многу индиции за сторен криминал, а има нула дејство, судството и обвинителството мора да се исчистат од корумпирани судии и обвинители

Мицкоски: Има многу индиции за сторен криминал, а има нула дејство, судството и обвинителството мора да се исчистат од корумпирани судии и обвинители

Скопје, 4 август 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Фокус“ вели дека и покрај тоа што постојат многу основани сомненија за криминали кои треба да се испитаат по допрен глас од страна на обвинителството, во овој момент гледаме дека има нула дејство и истраги, затоа потенцираше дека се потребни итни реформи во правосудните органи.
 
-Јас секогаш сум заговорник на идејата дека секој заслужува шанса. Ние нема да се однесуваме како СДСМ и нема да ги злоупотребуваме пратениците, да беседиме во парламентот за да го смениме. Секој заслужува шанса, така и овој (Љупчо Коцевски) заслужува шанса, па да видиме дали таа шанса ќе ја искористи. Ако не ја користи таа шанса, јавно ќе зборувам. За жал, почетокот не му е добар, рече премиерот Мицкоски.

Говорејќи Советот на јавни обвинители и Судски совет, како што соопшти владината прес-служба, Мицкоски нагласи дека, досега нема никој понудено друг модел, затоа, тоа што го нуди владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е судиите и обвинителите сами да изберат кој ќе биде во овие две институции, како и да добијат поголема независност преку автономен буџет процентуално врзан со вкупниот буџет.

-Излегуваат вечни експерти, го критикуваат моделот и наеднаш потоа гледаме слични или исти презимиња стануваат членови на Судски совет. Нека ми дадат модел. Убаво е вака од страна да набљудуваме и да кажуваме како не треба. Нека кажат како треба, изјави премиерот Мицкоски.

Додаде дека иако не се сите судии и обвинители роднински поврзани или корумпирани, или држеле предмети во фиока, тие се малцинство, но за жал се на клучни позиции и мнозинството е потчинето на истите.
 
-Има такви судии и обвинители кои се роднински поврзани, но не се сите, туку се малцинство. Има и такви кои се корумпирани, но не се сите, туку се малцинство. Има и такви кои држеле предмети во фиока и не ги процесуирале, но и тие се малцинство. Мнозинството не може да биде потчинето на малцинството. Малцинството самото ќе се катализира и исфилтрира и ќе биде безгласно. За жал, малцинството сега се на клучни позиции и затоа ни треба ова мнозинство да го победи малцинството, со тоа што самите тие ќе си изберат тоа што мислат дека им треба. Еве ние нема да се мешаме, ќе седиме настрана и ќе оставиме тие самите да ја направат таа катарза, да се исфилтрираат и тоа што е лошо да го отфрлат од системот. Доброто да го победи лошото, рече Мицкоски.
 
Истакна дека преку комисија за надзор над работењето на овие институции може да се врши надзор во Парламентот.

-Таа комисија ќе биде составена од пратеници и од власта и од опозицијата. И тие ќе имаат можност да прават редовни и вонредни контроли и да видат дали има злоупотреби. Ако има, планираме законски интервенции, па и кривично гонење, не само разрешување, изјави Мицкоски. нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан