• четврток, 21 ноември 2024

Мицкоски за отворањето рударски коп кај Ореовец: Тоа се наследени проблеми, ќе се бара решение

Мицкоски за отворањето рударски коп кај Ореовец: Тоа се наследени проблеми, ќе се бара решение

Скопје, 29 јули 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговорајќи на новинарско прашање во врска со протестот на жителите од прилепските Ореовец, Крстец и Плетвар кои се против отворање на рударскиот коп во близина на селото Ореовец од страна на фирмата „Бехтел и Енка“, најави дека ќе се бара решение за овој случај. Напомена дека досега единственото решение е да се користи варовникот од друго место, но тоа, како што рече, ќе изнесува дополнителни 18 милиони евра.

- Тоа се проблеми наследени од минатото. Претходната влада преземала обврска да ги реши имотно-правните обврски до средината на минатата година, во спротивно, месечно треба да плаќаме три милиони евра пенали. До сега требаше 36 милиони евра само по основ на пенали да плаќаме. Јас сочувствувам со сопствениците на населбата и сакаме да помогнеме. Досега единствено решение е да се користи варовникот од друго место, но тоа значи дополнителни 18 милиони евра, изјави Мицкоски по средбата со претставниците на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Според Мицкоски, мора да се најде решение затоа што следниот чекор е арбитража, а доколку се изгуби спорот, ќе треба да се плаќаат финансиски средства. 

- Потрошиле 300 милиони евра без никаков прогрес. До вчера протестираа во местото во близина на Гостивар, денеска протестираат во Прилеп, ќе продолжат овие протести, ние сме свесни дека тоа ќе се случи заради тоа што овој проект треба да се реализира затоа што ако не се реализира одиме на арбитража, на арбитража штетата ќе биде огромна, рече Мицкоски.

Утринава беше блокиран патот од Прилеп кон Плетвар поради протест. Активисти од Прилеп изразија незадоволство од отворањето на рударски коп кај Ореовец. Протестот беше одржан на местото Заполошки Мост од 6:30 до 9:00 часот, а сообраќајот во тој период беше во прекин. бт/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан