• понеделник, 23 декември 2024

Мицкоски: Власта лаже дека уставните измени се последна пречка, ова е почеток на проблемите

Мицкоски: Власта лаже дека уставните измени се последна пречка, ова е почеток на проблемите

Свети Николе, 19 декември 2023 (МИА) - Марија Габриел им ја плесна вистината во очи, тоа е вистината за која што јас и ВМРО-ДПМНЕ ја зборуваме година и половина. На јавна сцена се виде дека Маричиќ, Зечевиќ, Ковачевски, Ахмети, Османи, Груби го лажат народот во Македонија дека ова е последната пречка. Не е последната, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при посетата на Свети Николе на новинарско прашање во однос на изјавата на бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Марија Габриел дека уставните измени не се единствен услов.

Мицкоски додаде дека ова е само почеток на проблемите кои следат затоа што, како што рече, без општествена поддршка и без консултации со опозицијата потпишале договор со цел да го завршат својот проект две години власт.

- Едниот да биде премиер, другиот генерален секретар, а другите да станат милионери на грбот на македонските граѓани, тоа беше проектот. Сега имаме сите ние проблем кој за жал повторно ќе треба ВМРО-ДПМНЕ да го решава, но и граѓаните во Македонија во периодот кој следи. За ова зборувавме повеќе од година и половина, за ова предупредувавме и за жал со тоа што го направија, направија огромен проблем за сите нас, рече Мицкоски.

Тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ е спремно откако ќе ја формира новата Влада да разговара за нешто што претставува достоинствено решение и достоинствено сценарио.

- Очекувам дека и ЕУ, но лидерите доколку навистина сакаат Македонија да ја видат во ЕУ да престане оваа голгота што трае повеќе од две децении каде Македонија, македонскиот идентитет и народ, се предизвикани од страна на некои неразумни соседи со нивните политики. Ќе ве потсетам тоа се започна со ветото кое го добивме поради спорот со името, а потоа идентитетските проблеми со нашиот источен сосед, видовме дека можело да се носат одлуки доколку имаме разумни лидери во рамките на ЕУ. Очекувам разум и дека наскоро ќе биде отстрането ова вето и дека Македонија наскоро ќе ги почне преговорите она кое што и припаѓа многу одамна, рече Мицкоски.

Тој при денешната посета на Свети Николе по повод патрониот празник на градот „Свети Никола" истакна дека имаме многу внатрешни проблеми, но што се однесува до оние отстапки кои се направија сите заедно членки на ЕУ ги немаат направено. 

Бугарската вицепремиерка Габриел вчера изјави дека Бугарија нема билатерален проблем со Северна Македонија во однос на интергацијата во ЕУ и оти услов за продолжување на европскиот пат на Скопје не се само уставните измени туку и почитување на Договорот за пријателство и добрососедство и двата протокола.

- Бугарија нема билатерален проблем со Република Северна Македонија. Бугарија, во име на заедничкиот европски интерес, и кажува на Северна Македонија што значи да се биде членка на Европската Унија. Имаме три меѓусебно поврзани инструменти и многу јасен став на Националното собрание. Условите кон нашата соседна земја не се само уставни измени, туку и почитување на Договорот за пријателство и добрососедство и двата протоколи, кажала Габриел на состанок на собраниската Комисија за надворешна политика, прашана за европскиот пат на Северна Македонја, пренесе БТА.

Според неа, важно е Софија да види напредок во другите правци доколку има потешкотии со уставните измени. Габриел посочила дека се одржани два технички состаноци во јули во Софија и во октомври во Скопје, на кои е констатирано дека, за жал, нема напредок. вдј/лв/

фото:МИА 

Остани поврзан