• четврток, 19 декември 2024

Мицкоски: Ајде да го почитуваме Договорот со Бугарија во кој не стои дека треба да има уставни измени

Мицкоски: Ајде да го почитуваме Договорот со Бугарија во кој не стои дека треба да има уставни измени

Скопје, 17 октомври 2024 (МИА) - Се поголем е бројот на дипломати во Европа и во светот кои гледаат со симпатија на нашите аргументи, на нашата позиција и на можното решение што ние го предлагаме. Настапуваме со факти и ги браниме интересите. Прашањето е каква волја има, да најдеме решение или не. Зошто да не го почитуваме Договорот за добрососедство? Не протоколот, не предлогот, туку Договорот. Во Договорот со Бугарија не стои дека треба да има уставни измени. Епа, тогаш, ајде да го почитуваме, ние тоа бараме, да го почитуваме Договорот, Договор е или не? Ајде да го почитуваме, рече вечерва премиерот Христијан Мицкоски.

Зборувајќи за деблокирањето на евроинтеграциски процес, Мицкоски, во гостувањето на ТВ Сител, уште еднаш потенцира дека е оптимист. Сите аргументи, според него, се на наша страна.

Истакна и дека е многу важна пораката што се испраќа од официјална Софија.

- Мултилатерален или билатерален е проблемот? Која е пораката? Слушаме збунувачки тонови и изјави од Софија. Се надевам дека откако ќе се консолидира општеството по изборите, ќе иамме појасна слика и дека ќе добиваме конечни пораки. Ние велиме, тогаш кога Бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот договор на државава во ЕУ, тогаш уставните измени да важат. Ајде уште едно ремек дело да направиме, истакна Мицкоски, алудирајќи на Преспанскиот договор кој дипломатите во минатото, како што нагласи, го претставувале како ремек дело.  

Тој уште еднаш кажа дека додека ја предводи Владата, националните интереси ќе бидат одбранети. 

- Голем дел од европските и светските дипломати со симпатија гледаат на нашите аргументи и позиции поврзани со евентуално можно решение кое го предлагаме и за кое зборуваме изминатиов период. Конечно на нас како држава се гледа како на партнер, а не како на нешто за поткусурување. Мислам дека ги вративме кредибилитетот и достоинството на меѓунардната сцена. Можеби е потешко како помала држава да ги браните националните интереси, но се додека јас ја предводам Владата, националните интереси ќе се бранат и ќе се одбранат, подвлече премиерот.

Мицкоски порача дека времето ќе покаже дали бил оправдан оптимист.

-Очекувам темава во периодот што следи да има завршница за да го одблокираме процесот и да почнеме да преговараме, нагласи Мицкоски. мч/цр

фото: принт скрин  

 

 

 

 

Тагови

Остани поврзан