• понеделник, 23 декември 2024

Мице Јанкуловски со самостојна изложба „Пофалба на црното“ во Романија

Мице Јанкуловски со самостојна изложба „Пофалба на црното“ во Романија
Скопје, 15 мај 2022 (МИА) - Во рамките на Европската ноќ на музеите 2022, синоќа во Музејот на областа Бузау во Романија беше отворена самостојната изложба на слики „Пофалба на црното“ од Мице Јанкуловски-Мицко.
Музејот на областа Бузау на Европската вечер на музеите се претстави со атрактивна програма која резултираше со посета на над 3000 посетители. Јанкуловски се претстави со слики, акрил на платно, од  неговото творештво препознатливо според монохромност (користи само црна боја), мултипликација, модуларност и минимализам.
Изложбата ја отвори претседателот на Советот на областа Бузау, Еманоил Нигу, поздравен говор одржа директорот на Музејот Даниел Костаче, а за творештвото на Јанкуловски зборуваа Ангел Александру, историчар на уметност и автор на текстот во каталогот и Корнелија Конеска, куратор на изложбата.
Уметноста, генерално, нема точно дефинирана, едноставна дефиниција, но, вели Александру, ако ја сметам како предизвик, можам да ја гледам како игра. Но, секоја игра има свои правила кои уметникот си ги наметнува за да го постигне својот креативен пристап, кој многу пати е неверојатен со генијални и неповторливи решенија како да е роден од присуството на шестото сетило кое му помага да ги реши проблемите, наизглед невозможно да се решат.
- Пред мене е изложбата „Пофалба на црното“ на уметникот Мице Јанкуловски со концепт кој исто така подлежи на ограничувачки канони, кои на прв поглед го намалуваат полето на изразување избегнувајќи фигурација, боја или вредносни разлики, работи кои стануваат правила на игра. Но, ова се само изговор за длабинско истражување на стилот веќе специфичен за сликарот, мистериозен стил кој постепено ја открива уметничката порака... Мице Јанкуловски е мајстор на длабоката уметност која постепено се открива и се расплетува на неколку тематски рамнини кои делумно се вкрстуваат создавајќи го интелектуалното задоволство специфично за конзумирањето на висококвалитетна уметност, изјави Александру.
Изложбата на Јанкуловски во Музејот на Бузау ќе трае до 14 јуни 2022 година. вг/сп/

Остани поврзан