• вторник, 24 декември 2024

Мицевски: Ја чекаме оставката на Заев, ќе се обидеме да направиме ново парламентарно мнозинство

Мицевски: Ја чекаме оставката на Заев, ќе се обидеме да направиме ново парламентарно мнозинство
Скопје, 1 ноември 2021 (МИА) - Оставката на премиерот Заев од претседател на Владата и од лидер на СДСМ се уште е фејсбук оставка, се уште не е испратена до институцијата каде што треба да биде доставена, а тоа е Собранието на Република Македонија, изјави денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието Никола Мицевски.  Додаде дека во зависност од писмото што ќе биде добиено ќе се знаат и процедурите, односно она што ќе треба да се прави како наредни чекори во Собранието. Посочи дека согласно Уставот имало постапки каде претседателот на Републиката по доставувањето на оставката, таа се констатира во Собранието и претседателот на Републиката е должен во рок од 10 дена да ја достави на мандатар кој ќе приложи мнозинство од 61 пратеник, па потоа мандатарот има 20 дена за одлучување, односно за составување на новата влада. Тоа, како што рече, ќе се види откако ќе биде доставена оставката.  Одговарајќи на новинарско прашање, Мицевски рече дека е многу сериозна состојбата во државата и сега не е време за славење зашто државата се наоѓа пред сериозни предизвици, како енергетска и економска криза, нов бран на ковид пандемија... -Состојбата е многу сериозна во државата. И ние ќе се обидеме да направиме ново парламентарно мнозинство имајќи ги предвид сите предизвици пред коишто се соочува државата и граѓаните во нашава држава. Но, доколку не успееме во сите тие напори најдобро би било да има нови предвремени парламентарни избори бидејќи оваа Влада, ова мнозинство го изгубија политичкиот легитимитет и народот ја испорача фактурата која што требаше да ја испорача, рече Мицевски. Според него, потребни се сериозни анализи, сериозни симулации на состојбата, разговори со сите политички чинители за да може, како што рече, да излезат со одреден став за она што ќе се случува во наредниот период.фф/мд/

Остани поврзан