• петок, 08 ноември 2024

Министерство за економија: Нема да дозволиме отворање рудник во Иловица без одобрение од локалното население

Министерство за економија: Нема да дозволиме отворање рудник во Иловица без одобрение од локалното население

Скопје, 5 јули 2023 (МИА) - Министерство за економија соопшти дека Владата нема да дозволи отворање рудник во Иловица без претходна консултација и одобрение од локалното население. Во допис до медиумите ја појаснува Одлуката, донесена на седница на Владата од 27 јуни, за спојување на концесијата за експлоатација на минерална суровина – руди на бакар и злато во село Иловица, општина Босилово, со концесијата за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот „Иловица“, општина Босилово и општина Ново Село, доделени на Друштвото за производство, промет и услуги ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје. Потенцира дека станува збор за административна постапка со која само технички се спојува просторот на веќе доделените концесии.

-Основ за донесување на оваа одлука е Пресудата на Управниот суд од 30 март 2023 година, со која се уважува тужбеното барање на тужителот ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје и оспорената Одлука на Владата на Република Северна Македонија за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина- руди на бакар и злато на локалитетот „с.Иловица“, општина Босилово, донесена на 16 декември 2019 година. Истата се поништува и предметот се враќа кај тужените - Владата на РСМ и Министерството за економија на повторно разгледување и одлучување.Со Пресудата, како тужена страна, Владата и Министерството за економија се задолжени да постапат и да го применат правнoтo сфаќање и дадените забелешки на Управниот суд. Против оваа пресуда не беше дозволена жалба, а согласно Законот за управните спорови, наведува Министерството за економија. 

Посочува дека во образложението на Пресудата, Управниот суд смета дека спојувањето на концесиите претставува посебно правно прашање, односно посебна постапка за која надлежниот орган до кој е доставено Барањето-Министерството за економија, согласно правилата на управната постапка е должен да постапува и да донесе соодветен управен акт.

-Постапувајќи по насоките од предметната пресуда, Владата на Република Северна Македонија ја донесе Одлуката за спојување на двете концесии за експлоатација, доделени на ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје. Сакаме да информираме дека со усвојувањето на оваа предлог-одлука, Владата ги изврши донесените одлуки на Управниот и Вишиот управен суд и го спроведе членот 61 од Законот за минерални суровини, односно веќе доделените концесии се спојуваат во една целина. Согласно тоа, фактичката состојба не се менува, туку се изменети координатите на доделените концесии во насока истите да преставуваат една целина. Сакаме да информираме дека станува збор за административна постапка со која само технички се спојува просторот на веќе доделените концесии. Потенцираме дека не се доделуваат нови права на концесионерот и со ова не се дава право да врши експлоатација, односно за да може да врши експлоатација потребно е да добие дозвола за експлоатација согласно Законот за минерални суровини, информира Министерството. 

Во однос на постапката за добивање на дозвола за експлоатација, се наведува во соопштението, концесионерот ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје има доставено барање за дозвола за експлоатација за двете концесии (сега споени), но тие се уште не се комплетни, односно се уште треба да достават техничка документација и одобренија издадени од други надлежни институции пред кои се веќе започнати постапки.

-Уште еднаш истакнуваме дека Владата на Република Северна Македонија има слух и разбирање за загриженоста на жителите на предметната локација. Владата и Министерството за економија нема да издадат дозвола за експлоатација за отворање на рудник без исполнување на највисоките светски стандарди и добри практики за заштита на животната средина и здравјето на луѓето. Дозвола за експлоатација нема да биде издадена и без претходни консултации и сослушување на ставовите на локалното население, што е и законски редовна постапка при издавање решение за одобрување на студија за заштита на животната средина, без која не може да се издаде дозволата. И ова се однесува не само на дозвола за експлоатација во Иловица, туку и за отворање на било кој друг рударски капацитет во Република Северна Македонија, соопштува Министерството за економија и додава дека  Владата  и сите нејзини институции носат одлуки исклучиво согласно законот, позитивните правни регулативи, а во овој случај и согласно со Пресудата на Управниот суд.

Евентуално непостапување согласно со донесена Пресуда на Управниот суд ќе значело непочитување на судот и ќе резултирало со  евентуално нови судски постапки со сериозни импликации по Буџетот и можни арбитражни постапки пред меѓународни судови.

-Но, доколку некое лице, организација или здружение поседува докази или индиции за потенцијален судир на интереси или прекршување на законските норми, ги охрабруваме  да ги изнесат пред надлежните органи кои потоа би можеле темелно да ги проверат и да утврдат евентуални неправилности, доколку постојат, стои во соопштението. хс/лв/

Фото: МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан